Активности

Петок, 10 декември 2021

Единаесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието, на вчерашната 11. седница, како матично работно тело, во скратена постапка, го разгледа Предлог-законот за дополнување на Законот за ловството, поднесен од пратениците: Илија Николовски, Арта Биљали-Зендели, Даниела Колева, Драгица Ѓавочанова, Миле Талевски и Павле Трајанов.

Претседателот на Комисијата, Љупчо Димовски, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието, не се поднесени амандмани по Предлог-законот.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците Здравко Трајанов, Диме Велковски, Дајанчо Ефтимов и Љупчо Димовски.

Пратеникот Здравко Трајанов смета дека во врска со овој закон се прави одреден политички пристап за решавање на проблемот, наместо да го решава стручна фела. Македонски шуми требало да изготват планови за ловиштата врз основа на кои понатака ќе се доделат концесиите.

Пратеникот Диме Велковски рече дека овој Предлог-закон не е политички закон, туку со него се излегува в пресрет на ловечките здруженија и ловџиите поради настанатата Ковид ситуација.

Пратеникот Дајанчо Ефтимов беше со позитивен став за донесување на овој Предлог-закон, но реагираше за постапката која се применува за да се донесе овој закон, сметајќи дека се прекршени сите процедури за донесување на истиот.

Пратеникот Љупчо Димовски истакна дека донесувањето на овој Предлог-закон, и тој во редовна и овој во скратена, е во интерес на ловечките Здруженија и на ловџиите, со што се овозможува потпишување на анекс на договорите за концесија за уште една година.

По расправата, Комисијата го проследи Предлог-законот за дополнување на Законот за ловството на натамошна постапка во Собранието. 

 

Click