Активности

Среда, 9 март 2022

Економско зајакнување на жените преку социјалните претпријатија

Претставници на неколку претпријатија посветени на социјалното претприемништво ги презентираа придобивките од својата работа и досегашните постигнувања, во рамки на одбележувањето на 19-годишнината на Клубот на пратенички од Собранието на Република Северна Македонија и Меѓународниот ден на жените 8 Март. Народните избранички имаа можност подетално да се запознаат со активностите на овие претпријатија во Центарот за социјално претприемништво во Скопје.

Лилјана Јоноски од Рурална Коалиција, Асиб Зекир од REDI Recycling, Далиборка Златева од Здружението за лица со церебрална парализа – Велес и Дејан Стојановиќ од ИНВИВО, презентираа дел од активностите што ги спроведуваат социјалните претпријатија и реализираните активности. Во текот на средбата, како особено значајни, беа истакнати законските измени што се поврзани во потесна и во поширока смисла со работењето на социјалните претпријатија. Законот за социјално претприемништво периодов се финализира и се очекува да стане дел од собраниската процедура во јуни годинава. 

Пратеничките имаа можност да се запознаат со работата на Центарот за социјални претпријатија, како и иницијативите поддржани во рамки на Проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис. Ваквите непосредни работни средби овозможуваат пратеничките да бидат предводнички при донесувањето законски измени што би биле од полза за исполнување на потенцијалот што го носат социјалните претпријатија, пред сè, во делот на економското зајакнување на жените.

Работната посета на Центарот за социјално претприемништво, насловена „Економско јакнење на жените во Националната стратегија за социјални претпријатија’’ се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, 10-годишен проект за јакнење на капацитетите на Собранието финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементирана од Националниот демократски институт, Институтот за демократија Социетас Цивилис и Центарот за управување со промени.

Click