Активности

Четврток, 2 декември 2021

Експертска презентација на шведскиот законодавен процес

На првиот ден на студиската посета на шведскиот Парламент, делегацијата на  Собранието на Република Северна Македонија, во состав Фадил Зендели, претседател и членовите Маја Морачанин, Александар Велјановски, Арбана Пашоли, Халил Снопче, Снежана Калеска-Ванчева и Никола Мицевски, оствари многу плодна размена со своите колеги за законодавната улога на парламентот, за фазите на законодавниот процес, како и за организацијата на работата на пленарната седница.

По претставувањето на процесот на донесување закони од наша страна, следеше експертска презентација, преку која пратениците имаа можност поблизу да се запознаат со шведскиот законодавен процес, кој вклучува и формирање на анкетна комисија, која, по консултации со засегнатаите страни и граѓанското општество, изготвува мислење и препораки по предлог-законите кои ги доставува Владата, а потоа предлогот се разгледува во комисија. Интересно за нашите пратеници беше шведското искуство за можноста амандмани да се поднесуваат и на пленарна седница. Пратениците разменија искуства и во однос на информациите содржани во образложенијата за потребата од донесување на законите.

Шведските пратеници информираа и за организацијата на работата на пленарна седница, календарот на активности и тоа долгорочен, кој го опфаќа целиот мандат, потоа годишен, месечен, неделен и дневен, како и за времето определено за средби со гласачите, за комисиски расправи, за дебати на пленарна седница како и утвредените термини за гласање.

Стана збор и за функционирањето на партиските групи во рамките на законодавниот дом, координациите кај претстедателот, пратеничките прашања, инетрпелациите, како и за распоредот на седишта на пленарна седница, кој во шведскиот Риксдаг се според изборна едница, а не според партиска припадност.

Пратениците разменија искуства и за вонредните услови на работа на законодавните домови кои ги наметна пандемијата.

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија оствари средба и со спикерот Андерас Норлен кој нагласи дека соработката меѓу двата парламента за зајакнување на демократските институции и демократските вредности, се воспоставува во времето кога Шведска прославува 100 години од воведувањето на универзалното право на глас, односно 100 години од првите избори во 1921 година кога за првпат во шведскиот Риксдаг влегуваат 5 жени од вкупно 380 пратеници.

Следеше и размена на искуства за работата во комисииите, структуирање на работата, распределбата на местата, односите меѓу владата и комисиите, со посебен акцент на комисиите за европски прашања. 

Click