Активности

Понеделник, 13 септември 2021

ФРАНЦУСКА ПОДДРШКА ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ

Делегација сенатори од Групата за пријателство Франција - Западен Балкан, во состав Марта де Сидрак, претседателка и сенаторите Арно Базен, Венсан Сегуен и Микел Вале, на покана на Пратеничката група на Собранието за соработка со Францускиот парламент, престојува во посета на земјата.

На средбата со претседателот Александар Николоски и членовите на Групата, на која присуствуваа и членовите Владо Мисајловски, Снежана Калеска-Ванчева, Лидија Тасевска, Соња Михаиловска и Арбер Адеми, беше искажана огромна благодарност до француските колеги за прифаќање и реализација на посетата на највисоко парламентарно ниво.

Николоски ги информираше соговорниците за актуелните случувања во земјата, состојбата со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, актуелниот состав на Собранието и претстојните локални избори, кои ги оцени како многу значајни за животот на граѓаните поради широките ингеренции на општините и спроведувањето на локални проекти. Тој изрази разочарување поради недобивањето датум за преговори за членство во Европската Унија и предолгиот период на кандидатски статус, кој имаше свое влијание врз напредокот во земјата, особено во поглед на владењето на правото, борбата против корупцијата и развојот на економијата. Според него, потребен е голем политички договор за клучните политички прашања, кој би можел да ги придвижи процесите без оглед на тоа кој е на власт во иднина.

Де Сидрак на почетокот изрази искрено сочувство за трагедијата во Тетово и на загубата на човечки животи. Таа недвосмислено ја искажа јасната поддршка на Француската Република за процесот на евроинтеграции и нивната длабока убеденост дека местото на земјата е во Европската Унија. За таа цел, како избраници на народот, активно работат на убедување на граѓаните во рамките на дебатите кои се водат кај нив дома за процесот на проширување и за новата методологија, која треба да придонесе и за поголема ефективност на пристапувањето, но и за почитување на обврските од страна на земјите членки. Останатите членови на француската делегација се интересираа за евентуалните контакти на македонските пратеници со колегите од бугарското собрание и за причините за високиот процес на поддршка на интеграциите од страна на граѓаните и покрај бројните предизвици во изминатите децении.

Калеска-Ванчева истакна дека граѓаните историски отсекогаш ценеле кон европските вредности и сметале дека природно припаѓаат на европското семејство, едногласни во определбата дека нема отстапки од тој пат и дека членството во ЕУ е единствена нивна опција. Сепак, таа ја пренесе големата разочараност кај граѓаните поради моменталните околности по ова прашање.

Тасевска се заблагодари на големата поддршка и напорите за наше членство во НАТО и  за отпочнување преговори за членство во ЕУ, бидејќи интеграцијата на регионот во Унијата е од геостратешко значење. Државата ги исполни предусловите за почеток на преговори и од тие причини не треба да се дозволи историјата да ја одреди нашата заедничка иднина, заклучи Тасевска.

Соговорниците беа согласни дека динамиката на билатералната соработка треба да продолжи да го одржува својот континуитет како и досега, со оглед на фактот дека парламентарната дипломатија е пофлексибилна во размената на мислења, и заеднички можат да придонесат за побрз почеток на преговорите за членство во Европската Унија, а дека по формирање на стабилно парламентарно мнозинство во Република Бугарија, ќе може да се работи на унапредување на меѓусебните односи и на надминување на актуелните отворени прашања.

Click