Активности

Четврток, 18 март 2021

ИДНИНАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е ВО УНИЈАТА

Новоизбраните пратеници денеска имаа можност виртуелно да остварат средби со нивните колеги во Европскиот парламент. Состанокот го модерираше Ливија Јарока, потпретседателка на Европскиот парламент, која во своето воведно обраќање до учесниците ја изрази целосната поддршка на Европскиот парламент за нашиот европски пат.

Европратеникот Дејвид Мекалистер, претседател на Комитетот за надворешни работи, повика на заедништво меѓу власта и опозицијата, како основа за работа и градење консензус за значајни прашања во Собранието. Тој посочи дека секое ново одлагање на почетокот на преговорите претставува сериозна стратешка грешка, особено поради импресивните реформи постигнати на внатрешен план, но и поради историските чекори за надминување на билатералните прашања со соседите. 

Известителот за Република Северна Македонија и европратеник, Илхан Ќучук, нагласи дека Европскиот парламент сака да види напредок во борбата против организираниот криминал и корупцијата, поголема соработка со опозицијата и фокус на евроатлантската иднина на земјата. Тој наведе дека во рамките на ИПА III се обезбедуваат финансиски можности и истите треба да бидат соодветно искористени. Во однос на билатералните прашања, потребен е придонес од двете страни во рамките на договорната соработка, но со поинвентивен пристап кон историските теми. Младите генерации не смеат да губат време со историски прашања и треба да гледаат кон прашања кои реално ги засегаат во иднината. 

Копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Северна Македонија и Европската Унија, европратеникот Андреас Шидер, ги поздрави учесниците и искажа несмален интерес кај неговите колеги за европската перспектива на земјата. 

Европратеничката Тања Фајон задолжена за земјите од Западен Балкан, се согласи дека бугарското вето е апсолутно непотребно во овој момент и дека се вложуваат максимални напори во Европскиот парламент за надминување на оваа блокада. 

Европратеникот Владимир Билчик особено ја поздрави соработката со жените пратенички во Собранието во рамките на Симон Веил програмата. Според него, земјата е целосно подготвена да почне преговори.

Пратеникот Тимчо Муцунски се заблагодари на поддршката и изрази надеж дека преговорите ќе започнат наскоро. Тој истакна дека е потребен национален консензус за донесувањето на европското законодавство и за стратешки одлуки. Од клучно значење е да се постигнат опипливи резултати на поле на независност на судството, деполитизација на јавната администрација и за одржлива политичка култура во Собранието. 

Пратеничката Арта Биљали-Зендели порача дека нашиот „англиски јазик“ во земјата е Европската Унија и укажа на сите жртви кои нашата земја ги прави, не со години, туку со децении, за да ја реализира својата цел за членство во ЕУ. Таа нагласи дека не треба да се дозволи да се одолговлекува почетокот на преговори како во минатото. 

Пратеничката Марија Перушевска упати апел за зајакнување на административните капацитети во ИПА стурктурите за подобро искористување на средствата. 

Пратеничката Рина Ајдари укажа на проблемот со одлив на квалификувани работници, што веќе има негативен ефект на продуктивноста и економскиот просперитет на земјата и дека е потребно преземање на соодветни чекори за навремено спречување на овој проблем. 

Соговорниците беа согласни дека ваквиот тип на состаноци треба да продолжи и во иднина, со цел одржување на блиски врски со колегите во Европскиот парламент, но и заради меѓусебна координација и поддршка за прашања од заемен интерес за двата парламента.

Click