Активности

Четврток, 27 мај 2021

Иванова: Со поддршка на ОБСЕ до Собрание како стожерна институција во државата

Генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова, учествуваше на неформален видео-состанок со Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на кој свое учество зедоа и претставници на државите учеснички во ОБСЕ.

Иванова беше поканета да го претстави институционалното видување на соработката со Мисијата на ОБСЕ, со оглед на тоа што Собранието е клучна партнерска институција на Мисијата. 

Од своја страна, Која се осврна на низата активности во текот на претходната година, полна со предизвици предизвикани од пандемијата на Ковид-19. Во однос на Собранието, ги потенцираше вложените напори на Мисијата, особено по 27 април 2017 година, за зајакнување на надзорната, претставничката и законодавната улога, како и постигнување поголема административна и финансиска автономија. Исто така, ја истакна посветеноста на родовата еднаквост и посебните обуки за градење на капацитетите на пратениците и вработените. Продолжува поддршката за поефективен ангажман на Собранието со националните механизми за пријавување и проследување на имплементацијата на човековите права, како предуслов за ефективен собраниски надзор.

Преку своето долгогодишно искуство од Собранието во различни улоги, како пратеничка, координаторка на пратеничка група, една од основачите на Клубот на пратенички и веќе во втор мандат генерален секретар, Иванова е сведок на мултисекторскиот и, пред сѐ, системски пристап на институционално јакнење, овозможено со директната поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во своето обраќање, таа ја искористи можноста да направи кус преглед на сите постигнувања во претходниот период, направени со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Немилите настани од 27 април 2017 година кои го загрозија функционирањето на парламентарната демократија, ги оцени како пресвртна точка за почеток на еден системски приод во јакнењето на капацитетите, кои ќе му овозможат на Собранието ефективно да ги спроведува трите клучни функции: претставничката, законодавната и надзорната. 

Токму со директна поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а во насока на исполнување на првата стратешка цел - зајакнување на претставничката улога на Собранието, е возобновена Парламентарната мрежа за комуникација со граѓаните, клучна алка во обезбедување зголемено учество на граѓаните и граѓанските организации во носењето одлуки и креирањето политики на сите нивоа.

Иванова потсети дека Мисијата директно го поддржа процесот на изработка на Акциски план за родово-сензитивно Собрание 2020 - 2021, со конкретни мерки и активности за инкорпорирање на родовиот аспект во законодавниот процес, како и за ефективен надзор на родовата рамноправност, преку јакнење на капацитетите на пратениците и вработените во Собранието.

Што се однесува на јакнењето на финансиската и административната независност на Собранието, која се ефектуираше со законски измени на почетокот на годинава, Мисијата одигра значајна улога преку изработка на Функционална анализа, заедно со Вестминстер фондацијата.

Исто така, Мисијата обезбедува поддршка на релевантни работни тела на Собранието за зајакнување на нивната соработка со надворешни актери, а во насока на дополнително јакнење на надзорната улога на Собранието. Мисијата во континуитет ја помага и регионалната и меѓународната соработка на Собранието, а со ОДИХР и НДИ играат клучна улога за подобрувањето на стандардите за етика и интегритет, во согласност со препораките на ГРЕКО. 

„Ние, како Собрание, ќе продолжиме континуирано да ги јакнеме капацитетите, во насока на негово етаблирање како стожерна институција во државата“, заврши Иванова, притоа изразувајќи благодарност и надеж дека поддршката на ОБСЕ ќе продолжи и во иднина.

Претставниците на земјите учеснички беа едногласни во поддршката на блиската соработка помеѓу Собранието и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и покажаа интерес за прашања и теми од клучно значење за државата.

Click