Активности

Вторник, 22 јуни 2021 година

Јунска сесија на ПССЕ: Работна средба со коизвестителот на Мониторинг комисијата

Членовите на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Бисера Костадиновска Стојчевска,заменик шеф, Арта Биљали Зендели и Александар Николоски, членови, во текот на јунската сесија која оваа седмица се одржува во Стразбур, остварија средба со ново назначениот коизвестител за пост монитoринг дијалогот со нашата земја, г. Ценгер Залан Золтан од Унгарија од Европските народни партии. Тој заедно со г-ѓа Лисе Кристоферсен од Норвешка, од партијата на Социјалистите се надлежни за спроведување на така наречениот пост-мониторинг дијалог на Парламентарното собрание со Република Северна Македонија. 

Имено, коизвестителите ги назначува Мониторинг комисијата која е одговорна за проверка на исполнувањето на обврските преземени од земјите-членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции на Советот на Европа кон кои државите пристапиле, како и почитувањето на преземените обврски од страна на властите на земјите-членки при пристапувањето кон Советот на Европа.

Коизвестителот Ценгер Залан на состанокот со членовите на македонската делегација се интересираше за актуелната состојба во државата, работата на Собранието, справувањето со пандемијата и мерките превземени за ублажување на последиците од КОВИД, потоа економската состојба и односите со соседите. 

Тој изрази намера до крајот на годината, заедно со г-а Кристоферсен да ја посетат државата во така наречена мисија за утврдување на фактите во текот на која се предвидува да остварат средби со државниот врв, претставниците на политичките партии, претставници на медиумите на граѓанското општество, на локалната самоуправа со цел да добијат што е можно пореална слика за состојбите во Република Северна Македонија и да презентираат извештај прво до Мониторинг комисијата а потоа и до Парламентарното Собрание. 

Во текот на денот, пратеникот Александар Николоски,  во делот на извештајот за напредокот во кои се разгледуваат активности помеѓу две сесии на Парламентарното собрание на Советот на Европа, имаше обраќање пред пратениците за изборите во Бугарија во кое се осврна на извештајот на адхок комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа која ги набљудуваше изборите на 4 април 2021 година во рамките на Меѓународната мисија за набљудување на изборите. 

Click