Активности

Понеделник, 20 декември 2021

Клубот на пратенички клучен во промовирање и унапредување на родовата еднаквост

Претседателката на Клубот на пратенички, Лолита Ристова учествуваше на состанок за координација и планирање за пратенички, а во врска со основање на алијанса на пратенички во Парламентот на Република Албанија. Ристова учествуваше во сесијата за размена на искуства со Клубовите на пратенички на земјите од регионот.

На почетокот од своето обраќање, таа изрази задоволство и ја поздрави иницијативата за формирање на Алијанса на пратенички во Парламентот на Република Албанија.

Како клучни релевантни структури во Собранието на Република Северна Македонија одговорни за промовирање и унапредување на родовата еднаквост, изготвување, спроведување и следење на активности и политики за зголемување на родовата сензитивност на законодавниот дом и родово сензитивизирање на работните процедури и функции во него, Ристовска ги истакна Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички.

Понатаму таа се осврна на формирањето, улогата и активностите на Клубот на пратенички во тековниот мандат и ги информираше присутните дека во него членуваат пратенички од сите парламентарни партии. Во моментов во Собранието има вкупно 50 жени-пратенички, што преставува 41,66% од вкупниот парламентарен состав. Исто така, Ристовска ги образложи и законите кои содржат важни родови одредби, а беа донесени, изменети или дополнети во тековниот мандат, соподдршка на пратеничките од сите парламентарни партии.

Ристовска, исто така говореше и за новиот закон за родова еднаквост, кој е во  изработка и изрази надеж дека во скоро време истиот ќе биде усвоен со широка поддршка во Собранието.

Осврнувајќи се на важноста на меѓународната соработка која Клубот ја остварил во изминатиот период, Ристовска искажа подготвеност за продлабочување на соработката во иднина помеѓу двата парламента преку женските парламентарни клубови, но и јакнење на регионалната соработка и отворање на повеќе можности за споделување на искуства и добри практики во оваа област. 

Click