Активности

Среда, 1 декември 2021

„Која е родовата перспектива на Буџетот за 2022 година?“

Пратениците и пратеничките од Kомисиите за финансирање и буџет и од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите вчера учествуваа на работен состанок на тема  „Која е родовата перспектива на Буџетот за 2022 година?“

Состанокот се одржа во рамките на проектот „Мрежа за родово одговорно буџетирање за Западен Балкан и Република Молдавија“, финансиран од Австриската агенција за развој и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка со проектниот тим, подгрантистите на проектот, а на истиот  учествуваа и претставници од граѓанското општество кои работат на унапредување на родовата еднаквост.

За време на состанокот се дадоа мислења и ставови по однос на родовата перспектива на Предлог-буџетот за 2022 година, но и начините за тоа како да се надминат предизвиците и пречките за подетално и навремено дискутирање и разгледување на овој документ во иднина. Извршната директорка на ЦИКП, д-р Марија Ристеска истакна дека кај Предлог-буџетот за 2022 година по однос на расходите на буџетот по функционални области, во споредба со претходните 3 години се бележи позитивна промена, односно раст во буџетските средства издвоени за здравството, социјалната заштита, заштитата на животната средина и образованието, кои се сектори каде што жените се засегнати во поголема мера. Исто така, беше издвоена и позитивно оцената во однос на праксата на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за млади и спорт кои во своите приоритети утврдуваат дека ќе се залагаат за унапредување на родовата еднаквост, но се критикуваше намалувањето кај Министерството за труд и социјална политика во поглед на програмата за унапредување на родовата еднаквост за речиси 6 пати. 

Следни збор зедоа пратениците и пратеничките од гореспоменатите комисии.

Пратеникот Љупчо Пренџов повика на внимателно следење на она што е ветено, но и да се внимава при евентуалните ребаланси со цел да не се нарушат плановите и проектите кои имаа за цел постигнување родова еднаквост. Тој додаде и дека мора да се внимава на концептот „мирна старост“, доба во која исто така треба да се уживаат еднакви права и можности.

Заменик-претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Марија Петрушевска, посочи на проблемот што средствата за Комисијата за заштита од дискриминација со овој предлог се намалени за три пати споредено со минатата година и предупреди дека енергетската, економската и здравствената криза најверојатно најмногу ќе ја почувствуваат најранливите, но дека во буџетот не гледа дека ова се пресликува и предвидува.

Од друга страна пак, пратеничката Гордана Силјановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, порача дека мора да се промени начинот на кој се разгледува буџетот и амандманите, а посочи и дека сè уште нема систем за следење на трошоците од буџетот и колку тие придонесуваат кон постигнувањето на родовата еднаквост.

Пратеничката Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички, главна причина за недоволната родова компонента во Предлог-буџетот гледа во доцнењето на донесувањето на законот за буџетите, со кој ќе се регулираа не само начинот на подготовката на буџетот, туку се дава и простор за транспарентно и отчетно трошење, но и следење на патот на јавните пари.   

Пратеничката Снежана Калеска-Ванчева се согласи од потребата од промена на начинот на кој што се разгледува буџетот и дека сè уште има простор за унапредување на родово одговорното буџетирање. Сличен став изрази и пратеничката Маја Морачанин дека Предлог-буџетот како документ мора да биде поедноставен и поразбирлив, како за пратениците, така и за граѓаните и да се предвидат јасни показатели со кои ќе се мери успешноста на буџетот. 

Пратеничката Жаклина Пешевска посочи дека сите предлози за подобрување на постапката на носење и спроведување на буџетот мора да бидат сериозно земени предвид, бидејќи, како што кажа, нашата држава ја чека уште долг пат кон целосна примена на родово одоговорно буџетирање.

Како следни говорници беа подгрантистите во рамките на Мрежата за родово одговорно буџетирање за Западен Балкан и Република Молдавија, кои ги претставија своите предлози, но и буџетски зафаќања, за намалување на менструалната сиромаштија, зголемување на процентот на доделена парична помош од страна на државата кон жени земјоделки, подобрување на општинските услуги и поддршка за спречување на родово заснованото насилство, потребата од јавни тоалети долж македонските автопатишта и сл. 

За време на дискусијата, пак, се подвлече дека е потребна и измена на календарот за доставување и расправа по однос на Предлог-буџетот, но и доследно почитување на Законот за еднакви можности на жените и мажите, каде и сега се предвидуваат материјални расправи по однос на родовата еднаквост.

Присутните на состанокот заклучија и се согласија дека во првото тримесечје од следната година, неопходно ќе биде организирање на надзорна расправа по однос на Буџетот за 2021 и колку потрошените јавни пари оваа година имаа(т) придонес во намалувањето на родовите јазови во македонското општество. 

Click