Активности

Вторник, 20 октомври 2020

Комисијата за одбрана и безбедност разгледа Предлог-одлуки за испраќање припадници на Армијата во мировни мисии

Комисијата за одбрана и безбедност, на вчерашната Трета седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  • Предлог-одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во мировната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина;
  • Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите нации „УНИФИЛ“ во Република Либан.

На седницата, во својство на претставник на Владата, присуствуваше Башким Хасани, заменик-министер за одбрана, кој ги информираше присутните дека овие мировни мисии се дел од тековните активности на Министерството за одбрана.

Во однос на мировната операција „АЛТЕА“, тој истакна дека спогодбата со ЕУ за учество во неа била потпишана во јули 2006 година. Досега биле распоредени 299 лица во различки ротации и капацитети. Нагласи дека согласно новата трансформација на операцијата „АЛТЕА“ и ребалансираната мисија, Армијата на Република Северна Македонија од декември 2018 година има придонес со една позиција. Согласно тоа, со оваа Предлог-одлука се предвидува испраќање на еден припадник на Армијата на позиција на штабен офицер во Команда на ЕУФОР „АЛТЕА“, за период од шест месеци, сметано од декември 2020 година до јуни 2021 година.   

Во однос на втората точка, заменик-министерот Хасани рече дека се работи за операција предводена од Организацијата на обединетите нации. Нашето учество во мировната мисија е започнато со донесување на Одлука од Собранието во 2007 година. Нагласи дека продолжувањето на присонесот на земјава кон ефективниот мултилатеризам претставува уште една потврда на стекнатите искуства во меѓународното одржување. На крајот истакна дека Предлог-одлуката е во согласност со Законот за одбрана и дека со истата е предвидено учество на два штабни офицера на Армијата, сметано од јануари 2021 година до јули 2021 година во „УНИФИЛ" во Командата на здружени наменски сили на Армијата на Република Италија – Сектор „ЗАПАД“ во Република Либан.

  • Комисијата за одбрана и безбедност ги проследи двете Предлог-одлуки на натамошна постапка во Собранието. 

 

Click