Активности

Вторник, 2 февруари 2021

Конституирана Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со хендикеп

Денеска се одржа работен состанок за конституирање на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со хендикеп. Освен формирањето на новиот состав на ИППГ, стана збор и за новите активности и предизвиците во периодот што следува.

На самиот почеток, пред присутните свое обраќање имаа претседателот на Собранието, Талат Џафери и амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.

Претседателот Џафери изрази верба дека како пратеници на народот во законодавниот дом ќе останат доследни на донесување законски решенија во полза на сите, коишто ќе го олеснуваат животот, ќе овозможуваат еднаков третман, пристап и можности за секој граѓанин, без оглед на неговата етничка, верска, полова, социјална и културолошка припадност, а секако, во ниту еден случај, во зависност од неговата физичка можност или неможност.

„Најтешко надминливите бариери се токму тие што ги подигаме во нашата свест, со нашиот начин на размислување и начин на делување“ - заклучи Џафери.

За претседавач на ИППГ беше назначен Јован Митрески, а за потпретседавачи Мерита Колчи-Коџаџику, Ели Панова, Никола Мицевски и Халил Снопче.

Претседавачот Јован Митрески во своето обраќање нагласи дека визијата на оваа Интерпартиска парламентарна група е општество во кое лицата со хендикеп ќе учествуваат како еднакви граѓани. Митрески посочи дека организациите на лица со хендикеп, експертите со хендикеп и Собранието треба да работат заедно и да ги следат принципите од Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп.

Свое обраќање имаа и потпретседавачите Мерита Колчи-Коџаџику и Ели Панова, кои искажаа заложба за заедничко работење во насока на остварувањето на граѓанските и политичките права на лицата со попреченост.

Click