Активности

Четврток, 10 декември 2020 година

Конститутивна седница на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето

По повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, Собранието на Република Северна Македонија во соработка со Националната мрежа против хомофобија и трансфобија ја одржа конститутивната седница на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Прв пат оваа група беше формирана во мандатот на претходниот парламентарен состав. Во групата учество ќе земат повеќе пратеници и пратенички од власта и од опозицијата кои во соработка со здруженијата на граѓани ќе се застапуваат во законодавниот дом за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Досега повеќе од десет пратеници се приклучија во групата, но во периодот кој следува се очекува бројот да се зголеми. За координаторка на групата беше избрана пратеничката Маја Морачанин, која истакна дека и претставува огромно задоволство што во овој мандат повторно се формира неформалната Интерпартиска парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето и, воедно, чест што повторно ја доби довербата да биде координаторка на групата. Таа информираше дека во изминатите три години постигнати се значајни исчекори во унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. 

“Во претходниот мандат се застапувавме за донесување на Законот за спречување и заштита од диркиминација, ги внесовме сексуалната ориентација и родовиот идентитет во Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги и во Кривичниот законик како основи за заштита од кривични дела од омраза. Групата учествуваше и во бројни активности за промоција на правата на ЛГБТИ луѓето, како кампањата „Не суди кој кого љуби“, одбележување на Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата, учество на Парадата на гордоста во Скопје и многу други. На иницијатива на ЛГБТИ групата, Министерството за надворешни работи презеде постапки за приклучување на Република Северна Македонија во меѓувладината Коалиција за еднакви права (ERC) и нѐ информираше дека од 31 мај 2019 г. нашата држава и формално е членка на коалицијата“. – рече Морачанин. 

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова истакна дека 10 декември е меѓународен ден на човековите права, ден, на кој во 1948 година е донесена Универзалната декларација за човекови права. Таа додаде: „Мора да изградиме демократска парламентарна брана против вербалните и физичките напади врз личностите од ЛГБТИ заедницата, мора да им овозможиме да станат СУБЈЕКТИ, наместо објекти, мора да ги прифатиме како рамноправни.  Како пратеничка, иницијаторка и членка на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, порачувам: Ние, пратениците од различни пратенички групи и партии ги претставуваме сите граѓани, вклучувајќи ги и ЛГБТИ индивидуите и имаме уставна, законска и етичка, пратеничка и човечка обврска да се бориме против кој било облик на дискриминација, сторена кон која било индивидуа, без оглед на каква било припадност“!  

Драгана Дрндаревска од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија во своето излагање истакна : „Иако бележиме унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, овој парламентарен состав мора да продолжи со овој тренд. Изгласувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација беше првиот чекор, но пред Собранието се наоѓа подеднакво важна задача да изберат професионални и независни членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација кои ефикасно ќе ги штитат од дискриминација сите маргинализирани групи, помеѓу кои и ЛГБТИ луѓето. Понатаму, претстои и изборот на нов Народен правобранител, кој исто така бараме да биде независен професионалец со цел реформирање на институцијата и обезбедување на поефикасна заштита на човековите права на граѓаните, кога тие се прекршени од страна на државата. Заштитата од кривични дела од омраза мора да се унапредува преку зајакнување на капацитетите на полицијата и обвинителството, бидејќи и покрај законските измени не бележиме значајни унапредувања во практиките на овие институции. Правата на ЛГБТИ луѓето се човекови права, а нивното остварување значи намалување на стигмата и омразата кон оваа заедница што може да се постигне само преку континуирани активности и мерки од страна на сите надлежни институции“.

На конститутивната седница свое обраќање имаа и пратеничките Снежана Калеска Ванчева и Велика Стојковска Серафимовска. 

Click