Активности

Петок, 8 октомври 2021

Ковид кризата да не ја засени итноста на климатските активности

Пратениците Диме Велковски и Никола Мицевски учествуваат на Парламентарниот состанок пред 26. Конференција на ОН за климатски промени (СОР26), што се одржува на 8 и 9 октомври во Рим, во заедничка организација на Интерпарламентарната унија (ИПУ) и Италијанскиот парламент.

На состанокот учествуваат околу 300 парламентарци од земјите членки на ИПУ и други меѓународни парламентарни собранија, кои дискутираат за унапредување на парламентарната акција за климатските промени на национално, регионално и меѓународно ниво, во контекст на COP26.

На свеченото обраќање на Парламентарниот состанок пред COP26 се обратија: Роберто Фико, претседател на Претставничкиот дом на Италијанскиот парламент; Марија Елизабета Алберти Каселати, претседателка на Италијанскиот сенат; Дуарте Пачеко, претседател на ИПУ; Џорџо Паризи, добитник на Нобеловата награда за физика за 2021 година; Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом на Конгресот на САД и Луиџи ди Мајо, министер за надворешни работи на Италија.

Работата на Парламентарниот состанок се одвива во четири сесии: Зелени пристапи за обновата по КОВИД-19, Состојбата на преговорите на СОР26, Финансирање на глобалните климатски политики и Парламентарен придонес за постигнување на целите на СОР26.

Пратеникот Диме Велковски учествуваше во дебатата на првата сесија. Тој истакна дека овој парламентарен состанок ги собра парламентарците од целиот свет во клучен момент, кога треба да се надминат предизвиците од пандемијата со КОВИД-19 и да се направи колективен и инклузивен чекор напред во закрепнувањето. Пандемијата остави тешки последици, но ги покажа и силните страни на соработката, споделувањето знаење, искуство и помош. Климатската криза не исчезна со појавувањето на КОВИД-19 и останува најголемата долгорочна закана на човештвото и за опстанокот на планетата. Затоа, треба да се изнајдат заеднички одговори за борба против пандемиите и климатските промени, а претстојниот COP26 е можност што не смее да се пропушти.

Пратеникот Велковски информираше дека со цел за надминување на последиците од пандемијата, во Република Северна Македонија беа креирани мерки за поддршка за време на кризата, но и мерки за развој во постковид периодот. Беа спроведени шест пакет мерки, во вредност од околу 11% од БДП, што резултираше да бидеме една од земјите со најмал пад на нивото на БДП. Направивме чекор понатаму и ги усогласивме мерките за економско закрепнување од КОВИД-19 со „Европскиот зелен договор“. Во април годинава беше усвоен Ревидираниот национален придонес кон Климатскиот договор од Париз, со кој се постави амбициозна цел до 2030 година да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 51%, или нето од 85% до 2030 година, во споредба со 1990 година. Во правец на постигнување на овие амбиции, беше усвоена „Долгорочната стратегија за климатска акција“, додека нацрт-законот за климатска акција е во завршна фаза на подготовка.

Велковски нагласи дека парламентарците не треба да дозволат кризата со КОВИД-19 да ја засени итноста на климатските активности, како и да овозможат економското закрепнување да придонесе за одржлив развој. Ова може да го постигнат со своите законодавни, надзорни и репрезентативни капацитети, вклучително и во рамките на меѓународните парламентарни форуми. Истовремено, од огромно значење е да се спроведе ефикасен надзор врз учеството на владите во меѓународните преговори за климата, вклучувајќи го и претстојниот COP26.

Во рамките на програмата, предвидена е аудиенција кај папата Франциск за учесниците на Парламенарниот состанок.

Согласно вообичаената практика на состаноците на ИПУ што се одржуваат во пресрет на климатските конференции на ОН, се очекува учесниците да усвојат финален документ, кој ќе ја покаже насоката за зголемено парламентарно дејствување за климатските промени и ќе преставува парламентарен придонес кон СОР26, што ќе се одржи во ноември 2021 година во Глазгов, Обединето Кралство.

Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите, во која членуваат 179 национални парламенти и 13 меѓународни парламентарни собранија. Основана во 1889 година, ИПУ е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација. Унијата работи на зачувување на мирот и промовирање позитивни демократски промени преку политички дијалог и конкретни активности и им помага на парламентите да станат посилни, порепрезентативни и родово балансирани. Светската организација на парламентите има седиште во Женева и тесно соработува со Организацијата на Обединетите нации и другите партнерски организации чии цели ги споделува.

Click