Активности

Вторник, 27 април 2021

Милошоски на Интерпарламентарна работилница на тема „Западен Балкан: помеѓу мултиполаризам и евроинтегративниот процес“

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонијо Милошоски, вчера, преку видео-конференција учествуваше на Интерпарламентарна работилница на тема „Западен Балкан: помеѓу мултиполаризам и евроинтегративниот процес“, организирана од страна на Комисијата за надворешни работи и европски прашања од Парламентот на Република Италија.

Милошоски искажа задоволство од одржувањето на Интерпарламентарната работилница во услови на пандемија и ја поздрави соработката со Италијанскиот парламент. Тој истакна дека интерпарламентарната соработка треба да биде витален дел во евроинтегративниот процес и вклученоста на националните парламенти претставува израз на демократија.

Понатаму, Милошоски истакна дека процесот на проширување треба да биде стратешка одлука на ЕУ, но во самата Унија не постои конзесус во однос на тоа прашање. Имено, најголемиот притисок за продолжувањето на процесот на проширување треба да дојде од самите европски институции, од Европската комисија, меѓутоа и од самите влијателни земји членки, коишто се традиционално поддржувачи на овој процес.

На крајот, тој додаде дека позитивно ќе биде изненаден доколку оваа година се одржи меѓувладина конференција помеѓу нашата земја и ЕУ. Имено, доколку тоа се случи ЕУ ќе има поголем кредибилитет.

На Интерпарламентарната работилница учествуваа претседателите на парламентарните комисии за надворешна политика на земјите од Западен Балкан и ЕУ. Имено, воведни обраќања имаа претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли; претседателот на Комората на пратениците, Роберто Фико и претседателот на Комисијата за надворешни работи и европски прашања од Парламентот на Република Италија, Пиеро Фасино. Тие посочија дека Италија отсекогаш гледала на интеграцијата на земјите од Балканот во ЕУ како неизбежен процес. Надворешната политика на Италија кон Балканот е конзистентна низ годините наназад. Понатаму, потенцираа дека и денес, како и секогаш, остануваат убедени во исправноста на оваа политика на интеграција, чија цел е интегрирање на целиот Балкан во Европска Унија.

Фасино истакна дека од прегледот на историската и политичката позадина на Балканот, станува јасно дека земјите од регионот треба да одат кон стабилизација и европска интеграција. Фасино потенцираше дека интеграцијата на Западен Балкан е неминовна, Балканот е дел од Европа и со членство на земјите од Балканот во ЕУ не се прави еднострана услуга само на земјите аспиранти, туку двострано, бенефит е и за ЕУ, за нејзина стабилност и европска безбедност. Додаде дека Италија континуирано дава поддршка за процесот на проширување.

Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеј, се осврна на главните предизвици со кои се соочува ЕУ, нагласувајќи ја клучната политичка улога и значењето на националните парламенти. Тој изрази поддршка за развојните и интеграциските процеси на земјите од Западен Балкан, со фокус кон натамошен напредок во реформските процеси. Нагласи дека иднината на земјите од Западен Балкан е во ЕУ, и во тоа нема сомнеж. Потоа, говорејќи за поважните приоритети на ЕУ, Вархеј ги истакна зајакнувањето на европскиот социјален модел како одговор на кризата и како двигател на растот, пандемијата и различното влијание што го имаше таа врз општествата, темпото на вакцинација на европското население, усвојувањето на финасискиот пакет и демографските промени. Исто така, истакна дека ЕУ им помага на земјите од Западен Балкан уште од почетокот на епидемијата и појасни дека ЕУ, и покрај недостатокот во глобални рамки, ќе им испрати вакцини на земјите од Западен Балкан. 

Свое обраќање имаше и генералниот секретар на Европската служба за надворешно дејствување, Стефано Санино, кој нагласи дека Западен Балкан ќе остане високо на агендата на надворешната политика на ЕУ. Тој заклучи дека процесите на дијалог и процесите на самото проширување се многу сложени, но тоа не може да биде причина за ЕУ да не остане силно ангажирана во регионот.

Во дискусијата што следеше беше нагласена потребата за унапредување на процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, но и јакнење на регионалната соработка. Понатаму, беа размените мислења и ставови околу перспективите на Западниот Балкан. Имено, фокусот на дискусиите беше насочен кон изнаоѓање на начини за интензивирање на регионалната соработка во време кога Европа и светот се соочуваат со последиците од КОВИД-19 пандемијата, кон приоритетите посветени на воспоставување поголема поврзаност на регионот, но и кон интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Click