Активности

Вторник, 15 декември 2020

Насилството е тема која не познава политичка, партиска, образовна, интелектуална или верска припадност, ги засега сите

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието денеска одржа јавна расправа на тема: Предлог-закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Јавната расправа се организираше на иницијатива на Здружението за родова еднаквост ЕДНА МОЖЕ.

На јавната расправа поздравни обраќања имаа Jaгода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика и Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи; а потоа свои излагања имаа и Марта Марковска, советничка во ЈУ Завод за социјални дејности – Скопје; Дороти Пачкова од Здружението за родова еднаквост ЕДНА МОЖЕ! и Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

Претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Гордана Сиљановска-Давкова, ги сумираше забелешките. Таа истакна дека во законот треба да се вметне одредба за постзаконодавен надзор, три години по донесувањето на законското решение и на тој начин да се следи имплементацијата за да не се добие впечаток дека се преферираат декларации, кои звучат многу поетски, туку секој закон да се евалуира на време. Понатаму, според неа, одредбата дека овој закон не предизвикува финансиски последици, е една голема илузија и не претставува одговорно однесување кон законот. Во однос на националното координативно тело за имлементација на Конвенцијата, истакна дека треба да се преиспита неговиот состав и како најквалификуван го посочи Универзитетот, односно лица што се занимаваат со темата, предаваат и не се дел од владините кадри. 

Министерката за труд и социјална политика, Jaгода Шахпаска, истакна дека насилството е тема која не познава политичка и партиска припадност, ниту образовна, интелектуална или пак верска припадност, ги засега сите. Таа потенцираше дека за да се овозможи соодветен одговор, потребно е спроведување на сеопфатна политика за борба против насилството врз жените. Овој закон дава сеопфатен пристап, односно интегриран мултидисциплинарен одговор во справувањето со насилство врз жената и семејното насилство, почитувајќи ги човековите права во согласност со меѓународните стандарди.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека со законот треба да се овозможи воспоставување стандардизиранa мрежа од институции, кои ќе гарантираат сет услуги за заштита од семејното насилство. Според него, интервенцијата на полицијата треба да остане во рамки на начелата дефинирани со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и согласно овластувањата дефинирани во Законот за полиција, притоа акцентирајќи го значењето на воведениот принцип на „должно внимание“, со којшто сериозно ќе се влијае на ефективното постапување на институциите, вклучувајќи ја и полицијата.

Марта Маркоска истакна дека ЈУ ЗСД во контекст на доследно спроведување на овој закон и понатаму ќе обезбеди континуирано зајакнување на капацитетите на стручните работници во системот на социјална заштита за родовиот концепт согласно Програмата за континуирана едукација на стручните работници во установите за социјална заштита, меѓу кои и давателите на услуги за специјализирани сервиси за родово базирано насилство, изготвена од ЈУ ЗСД и нивно лиценцирање.

Дороти Пачкова најпрво се осврна на потребата координативното тело да го води експертка за родова еднаквост, потоа, во однос на сервисите, посочи дека истите треба да упатуваат на специјализирани категории на констекстуални жртви на родово базирано насилство, всушност поткатегории на жени жртви и на крајот укажа дека „ранливоста“ треба да се дефинира како предодредена или стекната во одредени случаи, а како општествено создадена ранливост во други случаи, како кај самохраните мајки.

Елена Димушевска ја стави во фокусот реинтеграцијата на жени жртви на насилство откако ќе ја напуштат насилната средина. Имено, за прв пат нашата законска регулатива ја препознава важноста од обезбедување на поддршка во процесот на реинтеграција на жените жртви. Тоа опфаќа поддршка за домување, психолошка поддршка, финансиска помош, обуки, образование, како и помош при вработување, а сѐ со цел економско зајакнување на жените жртви и нивно финасиско осамостојување, а со тоа и превенирање жртвата да се врати во домот на сторителот. Но, она што не е предвидено, е која институција ќе обезбеди финансии за оваа програма да се имплементира. Понатаму, таа препорача дефинирање на формите на насилство врз жените во посебни членови од законскиот текст и ја потенцираше потребата да се предвиди и засолниште за жртви на семејно насилство без разлика на пол, род, возраст и роднинска врска со сторителот.

Во дискусијата учествуваа и пратеничките Маја Морачанин, Снежана Калеска-Ванчева и Фиснике Бектеши-Шаќири, како и претставничките од граѓанскиот сектор: Сузана Стојановска од Дневниот центар Доза среќа, Мерсиха Смаиловиќ од НВО Легис, Наде Качакова - активистка за женски права, Стојанка Мирчева од Факултетот за безбедност, Елизабета Божиновска од ХЕРА и адвокатката Биљана Андонова. 

Click