Активности

Среда, 29 септември 2021

Натамошни чекори кон подобрување на положбата на ромската заедница -  Имплементација на Регионалната декларација за интеграција на Ромите од Познан

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието, заедно со Халил Снопче, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на правата и слободите на граѓанинот, учествуваа на онлајн Мултилатерален состанок на Мрежата на парламентарните комисии за човекови права и родова еднаквост на Западен Балкан (ХУГЕН), на покана на Фондацијата за демократија Вестминстер (ВФД).

Тема на состанокот беше „Подобрување на положбата на ромската заедница -  Имплементација на Регионалната декларација за интеграција на Ромите од Познан“.

На сесијата „Досегашната примена на Регионалната декларација за интеграција на Ромите од Познан - Натамошни чекори кон подобрување на положбата и квалитетот на животот на Ромите“, говорeше пратеничката Љатифе Шиковска, која е координаторка на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија.

По завршување на Декадата за вклучување на Ромите 2005 - 2015, во која се разбуди европската, а според Шиковска, и меѓународната јавност дека во нивното соседство живеат Роми кои не се мал број (15 милиони). Тие Роми се социјално нееднакви со останатите во општеството и преставуваат социо-економски товар во државите каде живеат.  Повторно на сцена доаѓа нова иницијатива, како што напомена таа, продолжение на претходната, да се бара декларативна посветеност на највисоките политички раководства за да ги таргетираат прашањата на Ромите и посветено да работат во насока да ги намалат социо-економските разлики меѓу Ромите и останатите, со што би обезбедиле социјално-економски посигурни општества и би превенирале социјални немири и неправди.

Шиковска потенцираше дека со оваа Декларација можеме да забележиме и понапредна фаза од претходната во ставот и посветеноста кои го даваат политичките преставници преку искажаната изјава за обврска да продолжат и да ги зголемуваат напорите за целосна еднаквост и интеграција на Ромите низ самиот процес при ЕУ интеграциите, што подразбира дека државите пред да влезат во ЕУ ќе бидат мониторирани и за вклученоста и интеграцијата на Ромите во општествата на самите држави. Во ова насока, од нејзина гледна точка како пратеничка во Собранието, таа потенцираше дека има придвижување кон остварување на одредени цели, но сепак сме многу далеку од констатацијата да заклучиме дека има напредок.

Во вториот дел учесниците дискутираа за превенција на малолетнички и договорени бракови кај Ромите, по што пратеничката Сиљановска-Давкова резимираше дека укинувањето на детските и на договорените бракови не е чин и не се прави со потег на перо, туку е процес. Таа потсети дека три години по Декларацијата на оваа конференција, повторно се говори за истите нерешени проблеми. Издвои неколку поенти - потребно е криминализација на детските и малолетничките бракови во земјите од Западен Балкан, потоа по примерот на Норвешка треба заштитата на правата на децата да добие посилен уставен карактер и како основен проблем ја истакна сиромаштијата и затоа што ниту едно право не може да се користи во услови на сиромаштија, а ако најсиромашна категорија се Ромите, тогаш тука треба да се работи. Исто така, според неа еден од најголемите предизвици е вклучувањето во образовниот процес, затоа што на тој начин ќе се бориме со патријахалната политичка култура.

На мултилатералната средба беа поканети сите членови на работните тела и ги остваруваат своите надлежности во областа на човековите права и родовата еднаквост, како и членовите на стручната служба на мрежата ХУГЕН.

Click