Активности

Понеделник, 11 октомври 2021       

Обраќање на потпретседателот Горан Мисовски по повод 11 Октомври

Почитуван прв заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија, г. Артан Груби, почитувани претставници на Владата,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани претставници на Кабинетот на Претседателот на Републиката,
Почитувана потпретседателка на Главниот одбор на Сојузот на Борците од НОАВМ, г-ѓа Елена Грујовска,
Почитуван градоначалник на Градот Скопје, г. Петре Шилегов,
Почитувани присутни,
Дами и господа,

Задоволство ми е денес да ве поздравам сите присутни тука во овој Меморијален комплекс и да го честитам, од име на претседателот Џафери, колегите пратеници на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име овој значаен јубилеј, 80-годишнината од денот на народното востание - 11 Октомври, со кој се одбележува чинот на одлучното спротивставување на најголемото зло во историјата на човештвото, фашизмот, политичката идеологија која донесе само загуби, болка и уништување и не соочи сите со темната страна на човекот и огромната и разорна моќ на таа страна.

На овој ден се одбележува почетокот на решителната борба за слобода и достоинство, со што, и ние, односно тогашната антифашистичка генерација на борци дадоа огромен придонес во глобалната борба и конечната победа на доброто врз злото, во Втората светска војна. Со тој нивен храбар и пожртвуван чин, тие направија избор, и тоа го направија вистинскиот избор, со бирање на исправната страна со која ја одредија и судбината на народот и иднината на државата.

Тие ни оставија завет, кој без оглед на сите историски текови, турбуленции во регионот и во светот, не смееме никогаш да го заборавиме, а тоа е, секогаш да бидеме на вистинската страна, на страната на доброто, на страната на правдата наспроти неправдата, постојано борејки се за слободен, достоинствен, праведен и еднакво добар и квалитетен живот за сите. Со тоа остануваме доследни на заветот и нивната верба за правда, еднаквост и човечност, со кои успеаја да го обединат и поведат народот во народноослободителната  војна, а народот беше и тогаш како што е и сега, сплет на сите етнички заедници во земјава, на сите вери, култури, јазици и социјални статуси и благодарение токму на тоа внатрешно единство на народот, се разбира и во соработка со клучните земји во антифашистичкиот сојуз, се изборија за слобода,а  потоа и градење на државноста. И затоа, денес, кога го празнуваме 11 Октомври, тука, на овие Партизански гробишта, им оддаваме почит на сите кои го положија најскапоценото - животот и заминаа во вечното почивалиште, за да можат идните поколенија да ги уживаат благодатите на животот, во слобода, со достоинство и високо крената глава.

Почитувани присутни,

Долг е патот кој човештвото го има изодено откако се избори со силите на злото. Борбите на народите се менуваа низ годините, а начините на борба исто така се менуваа согласно современите предизвици што ги носи брзиот технолошки развој. Историјата и човечкото во нас, не уверува дека доброто секогаш победува и дека мнозинството секогаш се стреми и е на страната на доброто, за да живееме во слобода, да живееме во мир и да живееме подобро.

Меѓутоа, не е лесно! Ниту било, ниту ќе биде! Лекциите од минатото нека бидат поука и да се запомнат, за никогаш повеќе да не се повторат затоа што, на патот на нашето растење и созревање, воедно и опстојување како држава, се соочувавме со многу предизвици кои не научија дека, без разлика на етничката и верската припадност, треба да живееме заедно,  да си ја чуваме татковината и да делуваме сите заедно и сплотени во иста насока и за иста цел.

Оваа година, Република Северна Македонија, одбележа уште два значајни јубилеи, 30 години од прогласувањето на независноста со референдумот на 8 септември 1991 година и 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор кој беше основа за трансформација во функционално мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество, држава на рамноправни граѓани во која се почитуваат индивидуалните и колективните човекови права, дом еднаков за сите граѓани, без разлика на етничката, верската, родова и каква било друга припадност.

Нашата држава стана позитивен пример за регионот и светот.Бевме храбри и одлучни во носењето на одлуки кои што значеја подобра и побезбедна иднина на нашите грагани. Станавме 30-та членка на НАТО.

Полноправното членство во НАТО е огромен успех, кој што воедно значи безбедност и на нашите граѓани и на нашиот територијалниот интегритет.

Не можам да ја изоставам и глобалната опасност што го зафати  целиот свет, пандемијата со вирусот КОВИД-19, која предизвика огромни човечки и материјални загуби, и при тоа, го промени целокупниот начин на живот и  функционирање на целото човештво. Сепак, почитувани пријатели, јас сум убеден дека и покрај големите предизвици низ кои поминавме, имаме сила, имаме волја, решителност и визија за тоа каде сакаме да ја видиме Република Северна Македонија, и каков дом посакуваме и градиме за нашите граѓани. Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. И не само тоа!

Заедно да го изодиме патот на евроатланската интеграција и да градиме стабилна и безбедна иднина за државата, да градиме општество во кое сите ние, сега и во иднина, ќе се чувствуваме рамноправни, почитувани и еднакви, а нашата младина ќе ја гради својата иднина тука, дома, каде што и е местото, и каде што е своја на своето. Држава која ќе биде пример за успех во историјата, со отворен и искрен пристап кон соседите, кон пријателските и партнерски земји, затоа што поделбите никому не носат ништо добро,  а во овој свет само сплотеноста носи кон прогрес.

Почитувани пријатели,

Нека е вечен и честит 11 Октомври - Денот на народното востание! 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.