Активности

Вторник, 27 јули 2021 година

Обраќање на потпретседателот Мисовски на Фестивалот „Илинденски денови“

Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски, се обрати на отворањето на 51. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, што се одржа вчера во Битола.

Во своето обраќање, Мисовски истакна дека Собранието е горд покровител на овој Фестивал популарно наречен „Битфест“, единствен фестивал во земјава со сертификат во рамките на УНЕСКО, кој претставува традиционален културен настан со автентични звуци, игри, танцови и традиционални носии, кои носат универзална порака на прифаќање и почитување на различностите.

„Музиката, фолклорот и игрите се универзална цивилизациска категорија и се дел од светското културно наследство, меѓутоа, во исто време, тие претставуваат и значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет“ – рече Мисовски.

Присутните беа почестени со маестралноста на Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“ од Скопје и Ансамблот на народни игри и песни „Ладо“ од хрватски Загреб, што беше само еден мал дел од фестивалската програма во која се вклучени 30 ансамбли со преку илјада игроорци и инструменталисти не само од нашата земја, туку и од Америка, Русија, Албанија, Хрватска и Србија.

На крајот, потпретседателот Мисовски искажа почит и благодарност до Националната установа „Центар за култура - Битола“, за посветеноста и несебичниот ангажман со што на достоинствен начин ја продолжуваат и одржуваат во живот оваа традиционална манифестација.

Click