Активности

Среда, 9 декември 2020 година

ОБРАЌАЊЕ НА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ МИСОВСКИ  НА НАСТАНОТ ЗА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА

Почитуван заменик претседател на Владата за борба против корупцијата и криминал,одржлив развој и човечки ресурси, г. Љупчо Николовски,
Почитуван министер за правда, г. Бојан Маричиќ,
Почитувана претседателке на Државната комисија за спречување на корупција, г-ѓа Ивановска,
Почитуван амбасадор на Европската унија во Северна Македонија, Ваша Екселенција г. Дејвид Гир, 
Почитуван претставник на платформата за граѓански организации за борба против корупцијата,
Почитувани медиуми,
Дами и господа, 
Дозволете од име на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, од мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да го поздравам денешниот настан со кој се одбележува меѓународниот ден за борба против корупцијата, која за жал, се чини постои отсекогаш и континуирано ги разјадува општествата, го поткопува темелот и здравото функционирање на институциите, следствено на тоа, на државниот апарат на една земја. Со секоја следна фаза во демократскиот развој на една земја, и коруптивното однесување се прилагодува и изнаоѓа инвентивни начини со кои ја минира секоја добра намера, секој одлично напишан закон и подзаконски акт кои се стремат да ги воочат, превенираат, редуцираат и казнат таквите негативни и непожелни појави. И, одбележувањето всушност, не е ден со кој се празнува нешто, туку напротив, тоа е само уште еден потсетник до сите креатори на државната политика, до сите спроведувачи на државната политика и до сите тела кои се основани, формирани и поддржани за да вршат надзор и да бидат будното око над секое и најмало пројавување на овој негативен феномен за навремено да се спречи или оневозможи зачетокот и ширењето, т.е. заболувањето на сѐ поголеми сегменти на општественото ткиво, да бидат уште порешителни, детерминирани и цврсти во одлучната борба против корупцијата и во подигнувањето на свеста за ова зло. При тоа, основната мерка и водилка, треба да биде словото на законот и Уставот, највисокиот законодавен акт на една земја, чуварот на правата и слободите на граѓаните, заштитникот на секој граѓанин на кого пред сѐ и над сѐ, треба да му се почитува основното право пред законот, а тоа е - пресумпцијата на невиност, се до оној момент кога судската власт ќе донесе ослободителна или пак одлука за осудување, се разбира со казна која е соодветна на делото. При тоа, во ниту еден миг не смееме да заборавиме дека секој поединец, со секоја постапка, одлука што ја донесува, а што не е во рамките на законот, колку и да се чини дека е помалку важна, небитна во целиот систем, таа го почнува кругот кој потоа се шири се повеќе и повеќе, зафаќајќи при тоа поголеми сегменти, лица, институции, создавајќи при тоа волшебен круг од кој тешко се излегува. Затоа, да бидеме сите свесни и совесни, транспарентни и отчетни, секој во својот делокруг на делување, само така ќе можеме да го залечиме и оздравиме заболеното ткиво. Се разбира дека тоа не е брз процес, меѓутоа, јас верувам дека сме на добар пат, односно, ги имаме сите предуслови за тоа да биде така. При тоа, мислам секако на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси чија што примарна цел е зајакнување на улогата и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и генерално зајакнување на правната и институционална антикорупциска рамка и постигнување на поефикасна превенција и борба против корупцијата. Сепак, јас нема да зборувам за донесената Национална стратегија за борба против корупцијата 2020-2024, изработена и донесена од Комисијата, за тоа е повикана да зборува претседателката на Комисијата, само ќе кажам дека начинот на изготвување на стратегијата, широкиот спектар на професионалци од струката, меѓутоа и засегнати страни вклучени во нејзиното изготвување и транспарентноста при целиот процес, се за секоја пофалба. Акцискиот план, е водич за сите институции, за тоа каде застанале, и во кој правец треба да се движат, да се добие реална слика и преглед на тоа што е краткорочна а што е долгорочна цел. 

Почитувани, дозволете да се задржам на законодавниот дом, како највисока законодавна институција во која се донесуваат закони кои се основа за секое понатамошно делување на државниот апарат. Како што ви е познато, Собранието на 16 февруари се самораспушти и донесе одлука на 12 април 2020 земјата да оди на предвремени парламентарни избори што значи, имавме нефункционално Собрание. За да биде ситуацијата уште пообременета, ние, регионот, и целиот свет воопшто, се соочи и за жал се уште се справува со глобалната пандемија со КОВИД-19, која направи огромен потрес на здравствените и економските системи на секоја држава поединечно а неопходните здравствени протоколи препорачани од нашите здравствени институции наметнаа поинаков начин на функционирање на институциите и на сите сектори во државата. Ова го зборувам затоа што сакам да разјаснам зошто Собранието, а пред Собранието, Владата и соодветните Министерства во Владата не успеаја да ги запазат роковите утврдени во Акцискиот план на Државната комисијата за спречување на корупцијата во однос на измените и дополнувањата во Деловникот за работа на Собранието, во Законот за судовите, во Законот за Советот на јавни обвинители, во Законот за објекти за спорт во државна сопственост, потоа за воспоставување на единствена евиденција на движните ствари на Република Северна Македонија, потоа недонесувањето на Националната стратегија за развој на медиумите за периодот 2021-2025 и на измените во Законот за медиуми и во Изборниот законик.

Сепак, јас сум оптимист, имајќи ја предвид нашата стратешка определба да бидеме полноправна членка на Европската Унија, колку и да се чини тоа несфатливо во овие тешки денови за нашата земја, за нашите институции и дипломатија, во крајна инстанца, за нашите граѓани кои безрезервно веруваат во европските вредности и правичност, дека ние ќе продолжиме без двоумење на евроинтеграцискиот пат, на исполнување на нормите и стандардите кои ќе овозможат подобар живот за нашите граѓани, правичен и еднаков третман пред лицето на правдата, почитување на нивните права и слободи и овозможување на фер и еднакви конкурентски услови на пазарот на трудот. Ќе го направиме тоа за доброто на нашите граѓани, за доброто на државата и за иднината на нашите следни генерации.  

Дами и господа,

Собранието било и ќе остане домот на демократијата, домот на граѓаните каде нивниот глас е преточен во пратенички легитимитет. Ќе продолжиме со практикување на транспарентноста во работењето, со објавување на сите информации од јавен карактер, а отворени сме и за соработка и за дополнително известување доколку во јавноста се појават неточни информации или злонамерни шпекулации. Доволно е само да се побара точната информација од одговорниот субјект. За нас е суштинска довербата на нашите граѓани и затоа остануваме крајно транспарентни и отворени за јавноста.

Дами и господа, госпога Иванова, ви изразувам поддршка и Ве охрабрувам уште поодлучно да ја водите битката против корупцијата,секако почитувајки го со устав закарантираното право на пресумција на невиност, а Претседателот Џафери, јас и целиот законодавен дом сме на располагање за соработка и помош во рамките на нашите надлежности. 

Ви благодарам за вниманието и ви посакувам успешна работа. 


Click