Активности

Петок, 21 мај 2021 година

Обраќање на потпретседателот Мисовски на виртуелната конференција на Партнерство за Отворена Власт 

Почитувани колеги пратеници,
Почитувана генерална секретарка Иванова,
Почитуван господин Хејзлет,
Почитувана госпоѓа Пернар,
Почитувани претставници на собраниската служба, 
Почитувани претставници од Националниот Демократски Институт,
Почитувани претставници од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“,
Почитувани претставници на граѓанските организации, 
Драги поддржувачи, пријатели и партнери на Собранието на Република Северна Македонија кои ја следите оваа конференција во виртуелен формат, чест ми е да Ви посакам добредојде на консултациите за заложбите и активностите од предлог Акцискиот план 2021-2023 година на Собранието кон Партнерството за Отворено Владеење во мое име и во име на претседателот на Собранието, почитуваниот Талат Џафери кој за жал, поради непредвидлива и неодложна ситуација не е во можност денес и лично да Ве поздрави, како што беше и предвидено претходно. Драго ми е што сме собрани во ваков состав, и што и покрај пандемијата на КОВИД–19, продолжуваме да ги одржуваме настаните за поддршка на активностите на Собранието, се разбира со соодветно прилагодување со цел да го заштитиме здравјето на учесниците а сепак да овозможиме реализирање на зацртаните цели, водени од принципите и вредностите за кои сме се согласиле и за кои се залагаме сите заедно. Всушност, одбележувањето на неделата на Партнерството за отворено владеење е само потврда дека законодавниот дом останува и понатаму доследен на исполнувањето на донесените одлуки од 2018 година, кога се донесе и првиот план за Отворен парламент кој стана дел од Националниот акциски план 2018-2020 година. Континуитетот е евидентен, со оглед на тоа што денес веќе говориме за Акцискиот план 2021-2023 година, водич и патоказ по кој што ќе работиме и во кој се ставени активностите кои се во тек и тие што чекаат почеток на имплементација. Оваа мултилатерална иницијатива за посветеност кон отвореното владеење во кое граѓаните имаат учество како израз на демократизацијата на институциите, борбата против корупцијата со промовирање на јавноста и транспарентноста во работењето, со користење на нови алатки во насока на зајакнувањето на владеењето, ги рефлектира и заложбите на Собранието и сѐ со една единствена цел – поквалитетен живот на граѓаните со нивна директна вклученост во процесот на креирање на политики, одлучување по политики во нивна полза и во полза на функционална законодавна, извршна и судска власт.

Почитувани,
За нас е значајно да преку овој настан дадеме и конкретен придонес, взаемно да размениме мислења, да развиваме идеи меѓутоа и да дадеме поддршка како една од трите власти вклучени во овој процес со потенцирање на нашата верба во овие начела. Особено сум горд што овие начела се на иста линија и со моите а верувам и вашите принципи. Веќе сум во мојот втор мандат на функцијата потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, како и претседателот Џафери и досега многу пати сум истакнал дека моето делување, моите заложби ќе бидат во насока на тоа да граѓаните знаат дека Собранието е нивен дом и така и да го чувствуваат. Ние сме избрани од народот, работиме во интерес на нашите граѓани и тие мора во секое време да бидат информирани за тоа што се случува во Собранието. Притоа, да бидат изворно и точно информирани за парламентарните постапки, за начинот на донесување на одлуките кои влијаат на нивните животи и начинот како тие можат да бидат вклучени и продуктивно да учествуваат во тој процес на креирање на политики кои во прв ред ќе одговараат на нивните потреби. Тука се разбира мислам на мрежите на граѓански организации и на ентузијастите кои ќе имаат обврска да зборуваат за конкретните реформи кои соодветствуваат и придонесуваат кон унапредување на работата и отвореноста на јавните институции. Затоа што, да не заборавиме, движечката сила на секоја иницијатива е давањето примарно значење токму на граѓаните.

 

Во насока на јавноста на законодавниот дом, а имајќи предвид дека Собранискиот канал е директен и најголем извор на информации за работата на Собранието, во рамките на Проектот за парламентарна поддршка, но и како дел од Акцискиот план на Собранието за Партнерство за отворено владеење и најважно од сè, во согласност со целите на Стратешкиот план на Собранието, пред некој ден го разгледавме, го усогласивме и во наредниот период ќе биде поднесен во собраниска постапка Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието на Република Македонија за реформа на Собранискиот канал и унапредување на парламентарното емитување. 

Почитувани, во насока на овогодинашната глобална тема која е посветена на оправувањето од пандемијата на вирусот Ковид-19 и обновувањето на демократските вредности, сакам да нагласам дека Собранието, со безрезервна поддршка на Проектот за парламентарна поддршка, преку конкретни активности на Парламентарниот институт, а во насока на принципите на Партнерството за отворено владеење, сериозно се посвети на достапноста и комуникацијата со граѓаните преку претходно организирање на физичките посети на граѓаните, потоа организирањето на виртуелни тури, за што е постигната и рекордна посетеност од 5000 граѓани оваа година, па порталот за отворени податоци за полесен пристап на граѓаните до информации, платформата за предлози од граѓаните, регистарот на граѓански организации, модернизирањето на веб страницата со цел полесно пристапување до бараните информации, следењето на статусот на поднесените предлози на закони, интегрираниот надзор на активностите на канцелариите за контакт со граѓаните, и ќе продолжиме се разбира, во насока на остварувањето на визијата преточена во Стратешкиот план за Собранието, за отворена, одговорна, современа и функционална законодавна власт во функција на граѓаните на Република Северна Македонија. Во претстојниот период, активностите на Собранието ќе бидат фокусирани на доследното спроведување на започнатите, донекаде постигнатите и се уште незапочнатите цели од Акцискиот план. Во секој наш иден чекор, наш постојан партнер, покрај докажаните партнери и пријатели на законодавниот дом ќе бидат граѓаните и мрежата на граѓански организации и јас ги охрабрувам да ги искажат своите мислења, предлози и идеи за начините на кои мислат дека може да се подобри работата на законодавниот дом.

 

Дозволете уште еднаш да искажам поддршка за Партнерството за отворено владеење, не само декларативно, туку и со конкретна реализација и имплементација на акциските цели. 
Ви посакувам успешна работа и Ви благодарам на вниманието!







Click