Активности

Четврток, 24 јуни 2021 година

Обраќање на претседателот Џафери на Изложбата на Вишеградската група В4 

Почитувани Амбасадори,
Почитувани колеги,
Почитувани присутни,
Најпрво, дозволете ми да изразам задоволство за реализација на идејата за оваа денешна Изложба, чија организација и покрај актуелните вонредни услови, јасно ја потврдува поддршката на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка за европската перспектива на Република Северна Македонија и на целиот регион. Истовремено, би сакал да  упатам благодарност до почитуваните присутни амбасадори на земјите членки на Вишеградската група, за нивниот досегашен ангажман за унапредување на процесот на европските интеграции на Република Северна Македонија и за промовирање на улогата на националните парламенти. 

 

Оваа изложба се одржува во време кога како држави и национални парламенти се справуваме со многу прашања како во однос на актуелната пандемија, така и во однос на нашиот интегративен пат за членство во Европската унија. Пандемијата ги покажа сите свои лоши и добри страни, а ние како институции досега имавме доволно време да ги согледаме слабостите и предностите и соодветно да ги планираме и направиме потребните прилагодувања за нормално одвивање на нашите активности во иднина.      

Вишеградската четворка е успешен модел за соработка меѓу државите членки кои од аспиранти, со заедничка соработка, станаа дел од Унијата и е модел на соработка кој Северна Македонија и земјите од регионот се стремат да го следат. Искуството на земјите од Вишеградската група, Чешка, Унгарија, Полска и Словачка е исклучително важно во процесот на нашата интеграција во Европската Унија.

 

Сите активности на Вишеградската група се насочени кон зајакнување на стабилноста во регионот на Централна Европа. Земјите - учеснички ја сфаќаат оваа соработка како предизвик, а нејзиниот успех како најдобар доказ за нивната способност да се интегрираат и во такви структури, како што е Европската Унија. Имаат заедничка цел и таа е поттикнување на оптималната соработка со сите земји, особено со соседите, а крајниот интерес на В4 е демократскиот развој во сите делови на Европа. 

Почитувани,
Собранието на Република Северна Македонија ќе продолжи да има активна, видлива и конструктивна улога во Вишеградската група и со предлози и сугестии ќе придонесе во донесувањето на потребното законодавство и во градењето на општествен консензус за придобивките и предизвиците од пристапувањето во Европската унија.

 

Очекуваме понатамошна континуирана и плодна соработка на сите нивоа со Вишеградската група како наш долгогодишен поддржувач и партнер. Иднината на сите нас е во Европската Унија и овој регион нема друга алтернатива. Тоа е главната порака што ја испраќаме оттука и главен приоритет за нашата земја. 

Ви благодарам на вниманието и се надевам дека заедно ќе уживаме во одличните постери на почитуваните уметници.

Click