Активности

Среда, 19 мај 2021

Гордана Сиљановска-Давкова на онлајн конференција против насилството врз жените

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, вчера учествуваше на онлајн дискусија на тема „Донесување на закони засновани на факти за спречување и борба против насилството врз жените“, на покана на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Секретаријатот на ОБСЕ и ОДИХР.

Имајќи го предвид фактот дека во нашата држава неодамна беше усвоен Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, организаторите ја поканија Сиљановска-Давкова како панелистка во модерираната сесија, заедно со пратеничката Лазат Рамазанова од Парламентот на Казахстан и Јоана Мајкок, генерална секретарка на Европското женско лоби.

На конференцијата, Сиљановска-Давкова го презентираше широкиот и инклузивен процес на креирање на Законот за спречување и заштита од насилтво врз жените и семејно насилство и улогата на Собранието во усвојувањето на Законот преку употребата на факти и податоци од различни извори, како што се невладиниот сектор, институциите и меѓународните организации како Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ОДИХР, НДИ, ИРИ и УН жени. Таа ги информираше колегите пратеници од другите земји дека овој Закон беше донесен со неформален консензус, и покрај поларизираните односи помеѓу политичките партии

Сиљановска-Давкова придонесе и во дискусијата со преку 100 пратеници и пратенички од парламентите на земјите членки на ОБСЕ кои учествувавуваа на конференцијата. Таа се осврна на важноста од системски пристап кон овој проблем и потребата од квалификувани и сензибилизирани служби, но и специфични сервиси за жртвите и соодветни буџетски средства за успешно справување со овој проблем. Акцент стави и на подигнувањето на јавната свест преку поделбата на највисоките државни функции и поделбата на министерските места во извршната власт со почитување на милениумската цел за еднакво учество на жените и мажите 50:50, упатувајќи порака дека во светот треба да владее правото и правдата, а не мажите.

Click