Активности

Вторник, 22 декември 2020 година

Онлајн средба на пратеникот Кастриот Реџепи со Мартин Викерс

На иницијатива на г. Викерс, со поддршка и ангажман на Амбасадата на Република Северна Македонија во Лондон, денеска, преку платформата Zoom се одржа онлајн средба на г. Кастриот Реџепи, претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Обединетото Кралство со г. Мартин Викерс, претседател на Сепартиската парламентарна група за соработка со Република Северна Македонија. На средбата присуствуваа и амбасадорката на Република Северна Македонија во Обединетото Кралство, г-ѓа Александра Миовска, како и секретарите на пратеничките групи.

Разговорот мина во срдечна и пријателска атмосфера, а на почетокот г. Викерс изрази особено задоволство од првата виртуелна средба и се заложи за интензивирање на соработката во иднина. Господин Реџепи ја поздрави иницијативата, ја претстави Групата за соработка и истакна дека се радува за идна соработка со парламент кој има повеќе од 700 годишна традиција што е неисцрпен извор на најдобри парламентарни практики. Воедно, му ја честиташе новата функција на г. Викерс, кој е назначен за трговски пратеник на премиерот Џонсон за земјите од Западен Балкан, вклучително и за Република Северна Македонија. Нагласи дека посетата на г. Викерс на нашата земја, што беше одложена поради предвремените парламентарни избори, а подоцна и поради светската КОВИД-пандемија, ќе се реализира во најсоодветен период наредната година. 

Двајцата соговорници разменија искуства за работата на парламентите во услови на пандемија и во состојба во која не е можно присуство на сите пратеници на парламентарните седници, при што г. Викерс информираше дека тие вовеле хибриден систем, односно отсутните пратеници поради Ковид-19 се вклучуваат  онлајн, а останатите во сала. Британската влада работи на изнаоѓање на технолошко решение да воведе можност и за целосна онлајн работа на Парламентот (како потреба и алтернатива), бидејќи се работи за 650 пратеници кои би требало да вклучат во исто време и да работат виртуелно.

Господин Реџепи го запозна својот колега со актуелната работа на Собранието, донесувањето на Буџетот за 2021 година кој е прилагоден да одговори на економските последици од пандемијата и донесувањето на непоходни законски измени за прилагодувањето на образовниот процес, како и за иницијативите за хибриден начин на работа на Собранието, за да се овозможи одговорен и транспарентен пристап во сервисирањето на потребите, правата и очекувањата на граѓаните. Во однос на европската интеграција, г. Реџепи го запозна соговорникот со разочарувањето и кај политичарите и кај граѓаните од незапочнувањето на преговорите, што во крајна линија доведува до разнишување на имиџот на Унијата на овие простори и нејзиниот кредибилитет. Се заблагодари на континуираната поддршка на Обединетото Кралство на нашата интеграција во НАТО, со што станавме рамноправни сојузници и контрибутори кон светскиот мир, како и на поддршката за европската интеграција, која се надеваме ќе продолжи без разлика на излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата. 

Во тој контекст, амбасадорката Миовска истакна дека како заклучок од последните средби на нашите високи политичари со претставници на ЕУ е на проширувањето да се гледа како на процес на европеизација, а не на билатерализација на аспирациите.

Соговорниците споделија видувања околу статусот на Брегзит, за што г. Викерс нагласи дека нема продолжување на транзициониот период кој завршува на 31 декември, потоа за можностите на соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер со која имаме одлични проектни циклуси, потоа во сферата на економијата и зацврстувањето на стопанските врски особено по неодамна потпишаниот Договор за трговска соработка, потоа за општествениот одговор на кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19, како и натамошно унапредување на парламентарните релации. 

Click