Активности

Петок, 11 јуни 2021

Осма седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, на денешната 8. седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за дополнување на Законот за земјоделското земјиште (скратена постапка); (Поднесен од: Панчо Минов, Коле Чаракчиев, Лолита Ристова, Бастри Бајрами, Берат Ајдари, Бедри Фазли, Миле Талевски, Драгица Ѓавочанова)
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за репродуктивен материјал од шумски видови дрвја - II читање;
  3. Предлог-законот за изменување на Законот за ловството - II читање;
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рибарство и аквакултура - II читање;
  5. Предлог-законот за изменување на Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата - II читање;
  6. Предлог-законот за изменување на Законот за органско земјоделско производство - II читање;
  7. Предлог-законот за изменување на Законот за квалитетот на земјоделските производи - II читање;
  8. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за берзи на земјоделско-прехранбени производи - II читање;
  9. Предлог-законот за изменување на Законот за здравјето на растенијата - II читање;
  10. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за идентификација и регистрација на животните - II читање.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата, присуствуваше Трајан Димковски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Никола Бабовски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Претседателот на Комисијата, Љупчо Димовски, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието, не се поднесени амандмани по сите Предлог-закони, а Комисијата ги проследи истите на натамошна постапка во Собранието.

Во дискусијата по Предлог-законот за дополнување на Законот за земјоделското земјиште, учествуваа пратениците Панчо Минов, Атнан Незири, Љупчо Димовски и Златко Пенков. Претставникот на предлагачите, Панчо Минов, ја нагласи потребата за донесување, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот. Незири, пак, посочи дека затезната камата и трошоците како глоба ќе бидат на товар на земјоделците, Димовски дека посоодветно законско решение за решавање на проблемот нема, додека Пенков истакна дека е крајно понижувачки за земјоделците кои имаат повеќегодишни валидни договори да мораат да платат затезна камата.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.