Активности

Петок, 5 март 2021

Пандемијата ја продлабочува глобалната родова нерамноправност

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, учествуваше на мултилатералниот онлајн состанок на Мрежата на комисии за човекови права и родова еднаквост во Западен Балкан (HUGEN), на тема „Влијание на COVID-19 пандемијата на жените“.

Констатациите беа дека пандемијата COVID-19 е опасност за сите и дека ја продлабочува глобалната родова нерамноправност. Истовремено, пандемијата има големо влијание на здравјето и сигурноста на жените и предизвикала значајни економски последици за развој на женскиот бизнис, за жените кои се вработени во дејностите кои беа први на удар од мерките, за неформално вработените, за самохраните родители, за жените од селата. Дополнително, тие се осврнаа и на последицити кои здравствената криза ги има врз маргинализираните групи, Ромки и на правата на лицата со посебни потреби.

Во периодот на пандемијата се зголемил степенот на неплатената работа на жените,  бројот на невработени жени и насилство над жените.

Пратениците и пратеничките од регионот повикаа сите стратешки документи, а особено оние кои ќе се усвојуваат и применуваат под околности на пандемијата, да имаат јасно препозната родoва компонента, да се продолжат и унапредат активностите наменети за економско зајакнување на жените, одговорното родово буџетирање, кое ќе овозможи унапредување на квалитетот на живот и на жените и на мажите, елиминирање на нееднаквости и градење праведно општество, сето ова да биде пракса во сите држави на Западниот Балкан. Сите податоци да се собираат, обработуваат и соопштуваат подредени по пол (на пр. број на заразени, но и корисници/чки мерки на помош), парламентите да ја зајакнат контролната функција организирајќи поголем број на сослушани представнички/ци на Владата и другите државни институции и да организираат состаноци со представници/чки на академските заедници.

Click