Активности

Вторник, 11 мај 2021

Петнаесетта седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието, на денешната 15. седница, како матично работно тело го разгледа Извештајот од Законодавно-правната комисија на Предлог-законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти (скратена постапка).

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата, присуствуваше Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Претседателот на Комисијата, Владо Мисајловски, ги извести членовите дека Законодавно-правната комисија (ЗПК) има усогласени ставови со матичното работно тело, Комисијата за транспорт, врски и екологија, во однос на амандманите по Предлог-законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти (скратена постапка), освен за амандманот за менување на членот 41 поднесен од пратениците: Ане Лашкоска, Бране Петрушевски, Љупчо Пренџов, Бојан Стојаноски, Мирче Аџиоски и Олга Лозановска. Тој беше усвоен со видоизменет текст од Комисијата за транспорт, врски и екологија, на седницата одржана на 7 мај и ЗПК го усвои истиот со нов видоизменет текст.

Во дискусијата по Извештајот од ЗПК учествуваше пратеникот Мирослав Богдановски, кој истакна дека со вака предложено решение се дава лоша слика за граѓаните дека може бесправно да се гради, а при тоа да не се одговара пред законот. Со ова решение, исто така, се овозможува и веќе започнатите постапки и кривични и граѓански да се повлечат и да се овозможи на тој начин објектите да се легализираат, иако истите се градени бесправно.

Согласно одредбите од Деловникот на Собранието, Комисијата за транспорт, врски и екологија го разгледа амандманот со нов видоизменет текст, кој гласи:

„Членот 41 се менува и гласи:

Постапките за отстранување на објектите од значење на Републиката и  на објектите од локално значење согласно со Законот за градење и други закони, како и  управни постапки кои не се завршени со спроведување на решенијата за отстранување на бесправно изградените објекти, како и управните и судските (кривични и граѓанските постапки) кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти кои се завршени или се во тек и постапки во врска со изградба на бесправни објекти со наведената намена се запираат за сите видови на објекти согласно Законот за градење и други закони со денот на влегување во сила на овој закон.”

Комисијата со 8 гласа „за“ и 1 „против“ го усвои амандманот.

Бидејќи се усогласени ставовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија и ЗПК, исполнет е условот од член 155 од Деловникот на Собранието за подготовка на Дополнет Предлог на законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти (скратена постапка).

Во Дополнетиот предлог вградени се 3 амандмани кои беа усвоени од матичното работно тело Комисијата за транспорт, врски и екологија и усвоени од ЗПК и 4 амандманите поднесени и усвоени од Комисијата за транспорт, врски и екологија и усвоени од ЗПК. Три амандмани не се усвоени, а два се повлечени.

Click