Активности

Вторник, 10 ноември 2020

Петта седница на Комисијата за одбрана и безбедност

Комисијата за одбрана и безбедност, на денешната Петта седница, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување на Законот за државјанството на Република Македонија;
  2. Предлог-законот за изменување на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните.

На седницата, во својство на претставник на Владата, присуствуваше Весна Доревска, помошник на министерот за внатрешни работи. Во своето обраќање таа ја образложи потребата од усвојување на Предлог-законите и истакна дека предложените измени се во насока на усогласување со Законот за прекршоците во делот на прекршочните одредби, односно глобите. Исто така, истакна дека предложените измени се со цел имплементација на Уставните амандмани (XXXIII – XXXVI) и Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани.

Во дискусијата по Предлог-законот за изменување на Законот за државјанството на Република Македонија учествуваа пратениците Фадил Зендели, Илија Николовски и Абдула Салиу.

Пратеникот Фадил Зендели во својата дискусија истакна дека предложените измени се технички и дека не се воопшто дискутабилни, но дека во оваа пригода сака да го отвори прашањето поврзано со начинот и условите за добивање на државјанство. Нагласи дека во моментов во нашата држава живеат поголем број граѓани родени во оваа држава кои уште од времето на Југославија имаат децениски проблеми за добивање на државјанство. Со оглед на тоа што ова е проблем кој е од исклучително значење за оваа категорија граѓани, која воопшто не е мала, изрази надеж дека во блиска иднина, со заеднички сили на извршната и законодавната власт ова ќе се реши.

Од своја страна, пратеникот Абдула Салиу истакна дека прашањето за проблемите со начинот и условите за добивање државјанство е многу сериозно, кое бара големо внимание и за истото би требало да се дискутира и на пленарна седница, а не само како пратеничко прашање. Нагласи дека голем е бројот на граѓани кои имаат проблем со остварување на ова право и дека тоа е категорија на граѓани кои живеат и екзистираат во оваа држава, придонесуваат на разни начини, а немаат никакви права. Поради сериозноста за овој проблем побара законски измени кои би го решиле овој проблем.

Пратеникот Илија Николовски, од позиција на заменик-претседател на Комисијата, истакна дека ова прашање е многу сензитивно и сѐ уште не е решено не само тука, туку и во сите поранешни републики на Југославија. Изрази надеж дека Министерството за внатрешни работи го разгледува ова прашање и за истото ќе најде решение и истовремено упати охрабрување до пратениците, согласно нивните права и обврски, да преземат одредени иницијативи, во смисла на предложување законски измени, пратенички прашања до релевантните органи, итн.

На крајот од расправата, Комисијата за одбрана и безбедност, со 6 гласа „за“, 3 „против“ и ниту еден „воздржан“ по првиот Предлог-закон и со 6 гласа „за“, 2 „против“ и 1 „воздржан“ по вториот Предлог-закон, констатира дека истите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

Click