Активности

Вторник, 27 јули 2021

Пратеничката Ане Лашкоска на Годишното собрание на ИПСП

Во рамките на редовното 28. Годишно собрание на ИПСП (Интерпарламентарно собрание на православието) што во периодот 22 - 26.7.2021 година, се одржа на Крит, Република Грција, за прв пат во неговата работа учествуваше и делегација од Собранието на Република Северна Македонија, претставувана од пратеничката Ане Лашкоска.

Главна тема околу која се дебатираше на оваа редовна годишна конференција, беше иднината на Европа по Ковид пандемијата. Околу овие прашања, свои обраќања имаа претседателот на Генералното собрание на ИПСП, Сергеј Гаврилов; генералниот секретар на ИПСП, Максимос Каракопулос; претставници од парламентарните делегации на повеќе земји на ИПСП, како и многу гости кои беа поканети на оваа Конференција, меѓу кои и Дора Бакојани, која, исто така, имаше свое обраќање.

Во текот на работниот дел на Конференцијата, од страна на генералниот секретар Каракопулос беа презентирани и усвоени тековните и идни активности за наредната 2021 - 2022 година, беше усвоен финансискиот извештај за 2020 - 2021 година и започна постапката за комплетирање на органите на ИПСП, која ќе биде завршена во текот на наредните месеци.

На крајот од Конференцијата беа усвоени заклучоците од ова редовно 28. Годишно собрание на ИПСП и им беше упатено и доделено признание и благодарница на сите оние членови на ИПСП на кои им заврши мандатот.                                                                                                                                                                                           

Click