Активности

Вторник, 15 јуни 2021

Промоција на механизмите за еднаквост и солидарност во рамките на здравствената грижа

Во рамките на видео-конференцијата на Парламентарниот комитет при Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ), која се одржа во Подгорица, Република Црна Гора, која воедно е и претседавач со ПД ЦЕИ за оваа година, свое учество имаа и пратениците од Собранието на Република Северна Македонија - Рашела Мизрахи, шеф на Делегацијата и Кастриот Реџепи, член на Делегацијата.

Тема на оваа видео-конференција беше „Промоција на механизмите за еднаквост и солидарност во рамките на здравствената грижа“.

Во воведниот дел на конференцијата поздравни обраќања имаа: Тамара Вујовиќ, шеф на Делегацијата на ПД ЦЕИ за Црна Гора; Љубомир Мичуновиќ, државен секретар во МНР Црна Гора и Зоран Јовановиќ, заменик-генерален секретар на ПД ЦЕИ. Свои обраќања имаа и Јелена Боровиниќ-Бојовиќ, министерка за здравство во Република Црна Гора, како и Роб Батлер, претставник на СЗО.

Главниот акцент во обраќањата на оваа конференција беше ставен на системите на имунизација и нивното функционирање во овој период на Ковид кризата, како и констатациите за затајување и крах на системот за солидарност во имунизацијата поради недостигот на вакцини и доминацијата на богатите земји над сириомашните во степенот на имунизација.

Во рамките на оваа конференција, свое обраќање имаше и шефот на македонската делегација при ПД ЦЕИ, Рашела Мизрахи. Таа ја потенцираше важноста и значењето на искуството и знаењето на медицинскиот персонал кој учествуваше во борбата со оваа пандемија, ја нагласи и важноста од можност за бесплатно здравствено осигурување во справување со пандемијата. Шефот на македонската делегација се осврна на слабостите и нефункционалноста на здравствените системи кои ги видовме за време на оваа криза кои се причина и за големиот степен на смртност што го имавме кај нас, па во таа насока ја нагласи важноста и потребата од размена на знаење и информации од земјите на ЕУ кон земјите кои не се членки на ЕУ, како многу важен сегмент во справување со оваа пандемија.

На крајот на конференцијата, со завршно обраќање и поздрав до учесниците се обрати Тамара Вујовиќ – шеф на делегацијата на ПД ЦЕИ на Црна Гора, која упати благодарност до учесниците за учеството и за корисните информации и совети кои ги пренесоа и изрази надеж дека здравствените услови ќе дозволат следното есенско парламентарно собрание на ПД ЦЕИ да се одржи во Херцег Нови, Црна Гора.                                                                                                                                                                                                                                                                                    

Click