Четврток, 3 февруари 2022
Работна средба на ИППГ за правата на ЛГБТИ лицата
Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата на Собранието на Република Северна Македонија денес одржа работна средба со претставници на Коалицијата Маргини, Националната мрежа против хомофобија и трансфобија и Трансформа, која ја водеше координаторката на групата, пратеничката Маја Морачанин.
Целта на средбата беше да се разговара за проблемите и предизвицити со кои се соочува дел од ЛГБТИ заедницата, нивните негативни животни искуства и дискриминацијата со која се соочуваат.
Покрај членовите на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, на средбата присуствуваа и претседателките на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Соња Мираковска и Гордана Сиљановска Давкова, како и членови на наведените комисии.
На средбата акцент се стави на унапредување на законската рамка, односно усвојувањето на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за матична евиденција, кој е во собраниска процедура и во текот на овој месец ќе биде ставен на дневен ред на Комисијата за политички систем, по што во процесот меѓу двете читање ќе се одржи и јавна расправа заради сензибилизирање на јавноста за оваа тема. По однос на предложеното законско решение, беше истакнато дека не станува збор за совршен текст, но преставува минимум законска основа за спроведување на пресудата на Европскиот суд за човекови права.
Претставниците на невладините организации изразија подготвеност да учествуваат и придонесат во процесот на сензибилизирање на јавноста, како и да бидат вклучени во евентуалните амандмански интервенции на текстот. Тие потенцираа дека носењето на ова законско решение ќе придонесе за подостоинствен живот на трансродовите луѓе и ќе ги заштити од дискриминирачки однос на институциите кон нив.
На средбата стана збор и за општата состојба со човековите права и гарантирање на принципот на еднаквост на лицата од маргинализираните заедници, но и на жените. Беше истакнато дека се нотира интензивирање на говорот на омраза и делата од омраза, за што главна причина е непостапувањето и неказнивоста на овие дела од страна на надлежните институции.