Активности

Понеделник, 14 март 2022

Развивање на социјален и интелектуален прогрес на учениците преку обезбедување подеднаков нивни третман

Во функција на реализација на Програмата за работа на Комитетот за 2022 г., а во контекст на образованието како суштинска алатка за зголемување на интеркултурното разбирање, Комитетот за односи меѓу заедниците денеска  оствари работна посета на ООУ „Свети Кирил и Методиј” – Центар, Скопје. 

Посетата е во рамките на активностите поврзани со меѓународниот проект Говор на омраза како валута на национализмот: институционалeн одговор во Северна Македонија, а со цел зајакнување на успешноста на институциите и нивната професионалност  во однос на решавање на проблемот со говорот на омраза.

На работната посета, со запазување на сите мерки на заштита кои се пропишани со Протоколите за постапување во основните училишта во услови на Ковид-19,  присуствуваа само претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли, како и Марија Георгиевска, Љатифе Шиковска и Зеќир Рамчиловиќ, членови на Комитетот, кои дадоа поддршка на посетата на оваа мултиетничка образовна институција.

Покрај директорката Соња Кирковска и дел од вработените, на средбата присуствуваше и  градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, со советникот за образование од неговиот кабинет.

Основното училиште „Свети Кирил и Методиј” во Скопје е најстарото училиште во Република Северна Македонија со непрекината воспитно-образовна дејност на мајчин македонски јазик од далечната 1836 година до денес. Со отворањето на училиштето за прв пат децата на скопјаните можеле да учат на својот мајчин македонски јазик.

Градоначалникот Герасимовски нагласи дека општината се грижи и вложува во  образованието и образовните институции во општината, а воедно ги поддржува и учествува во активностите и проектите на училиштето и изрази задоволство од посетата на Комитетот.

Основното училиште „Свети Кирил и Методиј” има традицијата на успешна приказна на мултикултурно образование и училиштето го следи еволутивен скок на образовниот систем и технологијата и на децата им дава можност да ги артикулираат своите мисли и да бидат дел од тим кој критички размислува, доаѓа до креативни решенија, успешно соработува и, најважно, создава потенцијал за меѓусебна социјализација на децата од различни етнички средини.

Во училиштето на организиран начин учениците ги остваруваат своите интереси, преку одредени форми на ученичко организирање во чии активности се вклучени наставниците кои ги помагаат и поддржуваат активностите на децата.

Во рамки на работната посета, беше организирана мини приредба за добредојде од најмалите ученици, но и интерактивна сеанса од децата членови на Детскиот парламент на училиштето. 

Заемно беше констатирано дека со развивање на чувства за хуманизам, солидарност, сочувство, толеранција и почитување по пат на разновидни игри и работа, децата се  здобиваат со пријатели и развиваат пријателството.

Училиштето се стреми кон развивање на социјален и интелектуален прогрес на учениците преку обезбедување подеднаков третман на учениците, преку развивање на нивните вештини, таленти и потреби.

Визија на училиштето е да ги инспирира учениците до нивниот максимален потенцијал и воедно да ги мотивира на поттикнување на одговорно однесување и вредна работа.

Пратениците изразија  особено задоволство што учествуваа во активностите кои обезбедија  вклученост на  учениците, при што ја увидоа нивната креативност и оригиналност. Децата со особена љубов и возбуда дадоа свој печат и придонес на работната посета.На крајот на посетата, пратениците упатија благодарност за доделените лични творби-слики од учениците, за приемот и за ангажманот за успешност на   работната  посета и оценија дека создавањето позитивна клима во работната средина предизвикува дополнителна мотивација кај вработените и учениците. 

Click