Активности

Среда, 16 декември 2020

Реализирана поддршката на ИРИ за јакнење на капацитетите на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот

Со последната вчерашна обука заврши серијата на обуки за Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, во организација на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Партнерството за демократија на Американскиот конгрес.

Препознавајќи ја важната улога која ја има Постојаната анкетна комисија во системот на заштита на човековите права, ИРИ и Партнерството за демократија поддржаа три обуки за јакнење на капацитетите на Постојаната анкетна комисија.

На обуките членовите и заменик-членовите на Постојаната анкетна комисија разменија искуства, препораки и мислења со поранешни конгресмени од Конгресот на САД, како и со актуелни и поранешни вработени во службите на Конгресот на САД, активно вклучени во администрирањето на работата на комисиите. Првата обука беше отворена од страна на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Темите кои беа опфатени со обуките вклучуваа методи за подобрување на функционирањето на комисијата,  идентификување на приоритетите на комисијата, подобрување на внатрешната соработка, одржување јавни и надзорни расправи, најдобри практики за вклучување на засегнатите страни и граѓаните во работата на Комисијата, како и надворешна и внатрешна комуникација на извештаите, пораките и заклучоците на комисијата.

Дел од обучувачите кои зедоа учество на обуките се Боб Гудлат, поранешен конгресмен во Конгресот на САД од Вирџинија (1993-2019), Питер Роскам, поранешен конгресмен во Конгресот на САД од Илиноис (2007-2019), Томас Кан, поранешен директор на службата за буџет при Конгресот на САД, како и други актуелни и поранешни директори и заменик-директори на служби во Конгресот.

Собранието на Република Северна Македонија има засновано соработка со Партнерството за демократија на американскиот Конгрес во 2006 година. Целта на оваа соработка е јакнење на независноста и ефективноста на Собранието, подобрување на релациите со граѓаните, унапредување на работата на собраниските служби и овозможување размена на искуства на пратениците преку студиски посети, консултации за техничка помош и реализација на многубројни обуки.




Click