Активности

Среда, 28 април 2021

Седма седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието, на денешната 7. седница, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог на закон за изменување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија - II читање;
  2. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за консолидација на земјоделско земјиште - II читање;
  3. Предлог на закон за изменување на Законот за вршење на земјоделска дејност - II читање;
  4. Предлог на закон за изменување на Законот за селекционерски права - II читање;
  5. Предлог на закон за изменување на Законот за пасиштата - II читање;
  6. Предлог на закон за изменување на Законот за сточарството - II читање;
  7. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Корона вирусот COVID-19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија (скратена постапка);
  8. Предлог на закон за дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој (скратена постапка); (Поднесен од: Панчо Минов, Лолита Ристова, Драгица Ѓавочанова, Марија Костадинова, Даниела Колева, Бастри Бајрами, Берат Ајдари).

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата, присуствуваше Трајан Димковски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Претседателот на Комисијата, Љупчо Димовски, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието, не се поднесени амандмани по Предлог-законите во врска со семенски и саден материјал за земјоделски растенија, селекционерски права, сточарство и консолидација на земјоделско земјиште. Комисијата, без дискусија, ги проследи истите на натамошна постапка во Собранието.

Претставничката на предлагачите на Предлог-законот за дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, пратеничката Лолита Ристова, ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот. Во дискусијата по истиот учествуваше Љупчо Димовски, кој го истакна ставот дека е за донесување на овој Предлог на закон. Тој ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието, не се поднесени амандмани ни по овој Предлог-закон, по што Комисијата го проследи на натамошна постапка во Собранието.

Димовски ги извести пратениците дека не се поднесени амандмани ни по Предлог-законот за изменување на Законот за вршење на земјоделска дејност, а Комисијата, врз основа на членот 149 став (2) од Деловникот на Собранието, поднесе еден амандман заради правно-техничко допрецизирање на текстот на одредбите, кој со  5 гласа „за“ го усвои. Комисијата го проследи и овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието.

Претседателот на Комисијата ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието не се поднесени амандмани по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Корона вирусот COVID-19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија. Во дискусијата по oвој Предлог-закон учествуваа пратениците: Златко Пенков, Здравко Трајанов, Панчо Минов и Љупчо Димовски. Комисијата поднесе еден амандман заради допрецизирање на текстот на одредбите, кој со 5 гласа „за“ беше усвоен, а потоа го проследи и овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието.

Click