Активности

Вторник, 8 јуни 2021

Седумнаесетта седница на Комисијата за одбрана и безбедност

Комисијата за одбрана и безбедност, на  вчерашната 17. седница, како матично работно тело ја разгледа Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територија на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на Пандемија прогласена од Светската Здравствена Организација од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението.

На седницата, во својство на претставници на Владата, присуствуваа: Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи и Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи.

Потребата од донесување на Предлог-одлуката ја образложи министерот Спасовски, кој истакна дека истата се предлага заради заштита на јавното здравје од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението.

Тој нагласи дека согласно предлогот на Групата за процена како и Записникот од Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, а со цел да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата на Република Северна Македонија и безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, како и навремено, ефикасно, ефективно и координирано дејствување на сите надлежни институции, Владата бара од Собранието да ја донесе Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија во времетраење до 31 декември 2021 година.

Министерот истакна дека иако перцепцијата е дека бројот на новозаразени е значително намален и ситуацијата со пандемијата е подобрена, сепак потребен е континуитет во вршењето на активностите, посебно од страна на силите на Армијата на Република Северна Македонија бидејќи во тек е масовната имунизација на населението распределена во голем број пунктови низ целата држава. Истакна дека Владата доставува месечни извештаи до Собранието во кои се нотирани сите мерки кои се направени во изминатиот период во кои можат да се најдат анализи за бројот на заразени, бројот на тестови итн.

Во дискусијата по Предлог-одлуката учествуваа пратениците: Бране Петрушевски и Иван Стоилковиќ, а Комисијата ја проследи истата на натамошна постапка во Собранието.

 

Click