Активности

Вторник, 27 април 2021

Шеста седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието, на денешната 6. седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување на Законот за енергетска ефикасност, по скратена постапка;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица - II читање.

Воведно образложение по Предлогзаконот за изменување на Законот за енергетска ефикасност, даде заменик-министерот за економија, Зоран Маневски.

Тој истакна дека е потребно во најбрз можен рок да се направат законски измени во поглед на продолжување на роковите во членовите 58 од Законот за енергетска ефикасност, со цел да не настане правен вакум кога овластените енергетски контролори и лиценцирани правни лица за вршење на енергетски контроли нема да поседуваат овластување, односно лиценца, како препознаен правен акт во правниот промет за вршење на енергетски контроли во зградите.

Од тие причини се предлага рокот на издадените овластување за вршење на енергетска контрола и издадените лиценци за вршење на енергетска контрола да се продолжи до 30 септември 2022 година, имајќи предвид дека по донесување на овој пакет подзаконски акти, потребно е да следат низа активности, односно лицата кои веќе поседуваат овластување, да посетат обука за усовршување и да се стекнат со овластување за вршење на енергетска контрола според новиот закон.

Истовремено, по донесување на Програмата за обука и усовршување на енергетски контролори на згради, ќе отпочне во целост да функционира Законот за енергетска ефикасност во делот на зградите, во согласност со барањата од Директивата за енергетски карактеристики на згради.

Во претресот на овој Предлог-закон учествуваа пратениците Лидија Петкоска и Коле Чаракчиев.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието, по двата Предлог-закона не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи и Комисијата ги проследи истите на натамошна постапка во Собранието.

Click