Активности

Четврток, 12 ноември 2020 година

Шеста седница на Комисијата за одбрана и безбедност

Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието, на денешната Шеста седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата;
  2. Предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, поднесен од пратениците Јован Митрески, Арбер Адеми, Кастриот Реџепи, Илија Николовски и Љупчо Балкоски; и
  3. Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „ЕUТМ RCA“ во Централна Африканска Република.

На седницата во својство на претставник на Владата присуствуваше заменик- министерот за внатрешни работи, Назим Буши. 

Во своето обраќање заменик-министерот, Буши  истакна дека предложените измени се во насока на усогласување со Законот за прекршоците во делот на прекршочните одредби, односно глобите. Во однос на физичките лица со предложениот текст се врши усогласување во насока на бришење на мандатен платен налог, кој не е предвиден во новиот Закон за прекршоците и за досегашните прекршоци за кои беше предвидено издавање мандатен платен налог предвидено е издавање прекршочен платен налог, изрекување на глоба. Исто така, истакна дека предложените измени се со цел имплементација на Уставните амандмани (XXXIII – XXXVI) и Уставниот закон за спроведување на Уставните амандмани. Покрај наведеното, со предложениот закон се врши и допрецизирање на конкретни одредби, со цел содржинско односно нормативно-правно подобрување на одредени законски решенија, а во насока на доследна практична имплементација. Во таа смисла истакна дека со предложените измени за првпат се уредува учеството во сообраќај на електричните тротинети и дефинирање на условите за нивно учество во сообраќајот. Потоа се зголемува старосната граница во поглед на важењето на возачката дозвола на повозрасните возачи – учесници во сообраќајот. Исто така, нагласи дека се предлага изрекување на санкција-престанок на важење на возачка дозвола од категоријата за која им била изречена прекршочната санкција – забрана за управување, доколку во период од една година од денот на правосилноста на одлуката учесниците во сообраќајот сториле друг сообраќаен прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција - забрана на управување со моторно возило, изречена за истата категорија.

Пратеникот Илија Николовски, како претставник на предлагачите, даде свое образложение по Предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, кое наиде на поддршка и од заменик-министерот за внатрешни работи, Назим Буши.
Буши истакна дека предложените измени се во насока на усогласување на Законот за внатрешни работи со одредбите од Законот за работните односи, како системски закон кој ги уредува работните односи на работниците во државата. Нагласи и дека со член 1 од овој Предлог-закон се предлага да се укине можноста за поднесување на писмени изјави за продолжување на договорот за вработување и на тој начин работникот задолжително ќе се пензионира со навршување на 40 години пензиски стаж без постоење на законска можност за продолжување. Образложи дека со предложените измени, исто така, како исклучок е дадена можност работникот - жена во Министерството за внатрешни работи, на нејзино барање, да се пензионира и со навршени 38 години пензиски стаж.

Во однос на Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „ЕUТМ RCA“ во Централна Африканска Република, Башким Хасани, заменик-министерот за одбрана ги информираше присутните дека овие мировни мисии се дел од тековните активности на Министерството за одбрана и дека се работи за операција предводена од Европската Унија. Хасани образложи дека со Предлог-одлуката е предвидено испраќање на 2 (двајца) штабни старешини припадници на Армијата за период од 6 (шест) месеци, сметано од јануари 2021 година до јули 2021 година.  

На крајот од расправата, Комисијта, констатираше дека горенаведените Предлог-закони се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање, а Предлог-одлуката ја проследи на натамошна постапка во Собранието.


Click