Активности

Среда, 16 март 2022

Собраниска делегација на вториот ден од вонредната сесија на ПССЕ во Стразбур

На вториот ден на вонредната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, на која учествуваа Дарко Каевски, шеф на Делегацијата и членовите Александар Николоски и Арта Биљали-Зендели, се дебатираше за последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина.

Шефот на Делегацијата, Дарко Каевски, учествуваше во работата на Комисијата за политички прашања и демократија, која го изготви Мислењето на Парламентарното собрание упатено до Комитетот на министрите за следните чекори на Организацијата во однос на членството на Руската Федерација. Мислењето беше усвоено на пленарна седница со големо мнозинство на пратениците.

Во текстот се потврдува непоколебливата поддршка за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, додека агресијата на Руската Федерација врз Украина се оценува како спротивна на меѓународното право, како сериозно прекршување на Статутот на Советот на Европа и во спротивност на обврските кои Руската Федерацијата ги презела при пристапувањето во Организиацијата. Во текстот се повикува Комитетот на министрите да побара од Руската Федерација да се повлече од Советот на Европа, но доколку тоа не се случи, Комитетот на министрите треба да го определи најскориот можен датум од кој Руската Федерација ќе престане да биде членка на Советот на Европа.

Алескандар Николоски во своето обраќање искажа поддршка за Мислењето до Комитетот на министрите и рече дека е тешко да се замисли војна во Европа во 21 век, во време кога кога светот зборува за нови технологии, зелена агенда и развој на вселената. Осврнувајќи се на сведочењата на украинските колеги присутни на вонредната сесија, за страдањата со кои се соочуваат, Николоски истакна дека основната вредност на демократијата е луѓето да одлучуваат за себе и дека таа цивилизациска придобивка ниту една војна или блокада не можат да ја спречат. Тој нагласи дека македонската борба и судбина е слична на украинската и во таа смисла упати сесрдна поддршка. На крајот изрази силно уверување дека Украина,  вистината и демократијата ќе победат.

И Арта Биљали-Зендели учествуваше во дебатата за последиците од агресијата на Русија врз Украина и нагласи дека тоа е и војна меѓу демократските и автократските вредности, а со оглед на тоа што Советот на Европа се заснова на демократија и демократски вредности, несомнено е дека пратениците мора да ги поддржат овие вредности наспроти автократските. Повика на партнерство, интеграција и соработка за заедничките вредности, а на колегите од Украина им искажа силна подршка и им порача дека демократскиот свет е со Украина и го почитува нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.

Арта Биљали-Зендели учествуваше и на средбата на жените пратеници во Парламентарното собрание, „Women@PACE“, која има за цел да им овозможи да ги канализираат нивните иницијативи, да започнат дебати, да се консултираат, да се координираат и да дискутираат на неформален начин. На оваа прва средба  зборуваа пратничките од Украина за состојбата во земјата и начините на кои останатите пратенички, преку своите парламенти и влади, би можеле да помогнат за олеснување на хуманитарната состојба на терен. Беше договорено од украинска страна да биде доставена листа на најнеопходната хуманитарна помош, како и коридорите по кои таа би се доставила, а земјите членки да го обезбедат тоа што можат.  

Click