Активности

Вторник, 15 декември 2020

Собраниската група за соработка со Франција е симбол на пријателството меѓу двете земји

Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Француската Република оствари средба со францускиот амбасадор, Н.Е. Сирил Бомгартнер.

На почетокот на средбата, претседателот на Групата, Александар Николоски, го запозна амбасадорот со составот и изрази надеж за плодна соработка и интензивна агенда.

Францускиот амбасадор Бомгартнер, изразувајќи задоволство од средбата, истакна дека самата Група за соработка е еден вид симбол на пријателството меѓу двете земји, со традиционално добри односи и соработка, која може да се интензивира во иднина, посебно на полето на економијата, но и на политички план.

Својот став имаа можност да го искажат и членовите на Групата за соработка. Така, пратеничката Снежана Калеска-Ванчева, во рамките на посветеноста да станеме дел од европското семејство, ја истакна потребата од соработка во клучните области, како владеењето на правото, каде Франција, како земја со богато искуство, би можела да помогне на нашиот пат.

Пратеникот Антонијо Милошоски се осврна на политичката улога на Франција во Регионов, која во последните години има поголемо влијание. Во овој контекст, доброто познавање на овој регион од страна на францускиот амбасадор е нивна, но и наша предност. Корисно е, во меѓусебната соработка, да се има искрен пристап, за точно да се знае каква е визијата за ЕУ во следните години, за да би можела нашата земја да се прилагоди.

Како некој што доаѓа од полето на образованието, пратеничката Лидија Тасевска, истакна дека Франција инвестира во промовирање на францускиот јазик во земјава и дека е важно да бидат инспиратори за изучување на истиот, додека пратеничката Соња Михаиловска, како докторка, покажа интерес за зголемување на соработката во здравствениот сектор.

Пратеникот Владо Мисајловски, имајќи го предвид квалитетниот состав на оваа Група за соработка, изрази надеж за многу иницијативи, повеќе работа и успешен мандат.

Ваквите излагања за францускиот амбасадор Бомгартнер ветуваат богата соработка, а тој е тука за да ги набљудува реформите и е отворен за редовни средби. Прво е потребно мапирање на состојбата, а Француската стратегија за Западен Балкан е еден вид патокоз по кој треба да се движат. Земјава има европска перспектива и треба да ги отвори преговорите и да стане полноправна членка на ЕУ. Како земја која е пред вратите на ЕУ, треба да постои политички консензус за примарните прашања, национален дијалог и дијалог меѓу партиите.

Click