Активности

Петок, 30 јули 2021 година

СРЕДБА НА АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ СО ЕВРОПРАТЕНИКОТ КРИСТИЈАН САГАРЦ

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Александар Николоски, денеска оствари средба со Кристијан Сагарц, пратеник во Европскиот парламент и известител во сенка на Европската народна партија за нашата држава.

Во срдечна и пријателска атмосфера, соговорниците разговараа за повеќе прашања во врска со: претстојните локални избори, потребата за постигнување консензус за изборното законодавство, борбата против корупцијата, независноста на судските инстанци, како и за чекорите за професионализација на судството како трета власт. Николоски информираше за надлежностите и составот на Националниот совет за евроинтеграции во кои учествуваат сите клучни државни чинители, за улогата како клучно тело на пристапните преговори, како и за консензуалното одлучување.

Европратеникот Сагарц ја изрази поддршката на Австрија за европската интеграција на државата и укажа на важноста од поголема соработка со Западен Балкан, бидејќи Унијата нема да биде комплетна без овој дел од регионот. Пристапните преговори треба да започнат што поскоро, тоа ќе биде корисно и за процесот на проширување на ЕУ и за европската иднина на државата.

Европратеникот Сагарц се интересираше за поддршката на граѓаните за пристапувањето во Европската Унија,  децентрализацијата во државата, како и примената на институтот пратенички прашања во Собранието.

„Демократските стандарди бараат постигнување на компромис за суштински прашања во државата на кои партиите треба да им дадат приоритет", нагласи европратеникот Сагарц.   

Претседателот на Националниот совет, Николоски, на крајот од средбата се заблагодари за искрената и принципиелна поддршка на Австрија за евроинтеграцијата на државата и регионот.

Click