Активности

Петок, 4 јуни 2021

СРЕДБА НА ФРАНКОФОНСКАТА СЕКЦИЈА СО ФРАНЦУСКИОТ АМБАСАДОР

Денеска се одржа средба на Секцијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата, предводена од пратеникот Абдула Салиу, претседател на Секцијата, со Н.Е. Сирил Бомгартнер, амбасадор на Француската Република во Република Северна Македонија.

На средбата учествуваа пратениците Ненад Коциќ, прв потпретседател; Бети Стаменкоска-Трајкоска, потпретседателка; како и членовите гМарија Петрушевска, Драгица  Ѓавочанова, Соња Михаиловска, Сурија Рашиди,  Лидија Тасевска и Сафије Садики-Шахини. 

На почетокот, претседателот Салиу истакна дека политичките односи меѓу Република Северна Македонија и Француската Република се добри, пријателски и на високо ниво. Северна Македонија има силни традиционални врски со Франкофонијата и тие се историски и културни. Потоа, тој даде краток осврт на активностите на Секцијата, при што истакна дека дваесетте години присуство на Македонскиот парламент во Парламентарното собрание на Франкофонијата ѝ овозможило на институцијата да стане особено свесна за улогата на парламентарната дипломатија. Во рамките на соработката, ја наведе специјалната поддршка на Програмата НОРИА, која овозможи преведување на собраниската интернет-страница и на француски јазик, збогатување на собранискиот библиотечен фонд со француска и франкофонска литература и организирање на курсеви за изучување на францускиот јазик за пратеници и парламентарни службеници. Во однос на нашето членство во ЕУ, Салиу истакна дека земјата ги има исполнето сите услови за отпочување на преговорите за членство во ЕУ и искажа увереност дека наскоро ќе се одржи првата Меѓувладина конференција во рамките на Португалското претседателство.   

Амбасадорот Сирил Бомгартнер искажа големо задоволство од одржување на средбата и можноста да се запознае со франкофонските пратеници. Во својата дискусија се задржа на зачленувањето на Република Северна Македонија во ЕУ, како и изучувањето на францускиот јазик во земјата, за што постои интерес. Тој истакна дека има простор за подобрување на политичките односи меѓу двете држави, односно на поголемо француско присуство во земјата. Амбасадорот Бомгартнер нагласи дека Француската Република има најамбициозна визија за Европската Унија, која е на крајот на еден успешен циклус на постоење, но потребни се промени со цел таа да биде конкурентна со остатокот на светот. Од тие причини, Франција предложи стратегија за поголемо француско присуство во Регионот и нова методологија за проширување. Во однос на изучувањето на францускиот јазик во образовниот процес, истакна дека мора да постои континуитет, поголема комуникација, како и поголема присутност на францускиот јазик преку филмот и друг медиуми во јавниот простор. Тој укажа дека ќе се заложи за обезбедување на повеќе средства за таа намена преку француските институции. Амбасадорот покажа интерес и за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на здравството. 

Следеше жива дискусија меѓу сите присутни пратеници со амбасадорот во однос на француските паралелки и едукативни катчиња во различни градови во земјата и се предложија многу идеи за подобрување на соработката на сите полиња на локално ниво. На крајот се изрази благодарност до Француската Република за досегашната соработка во доменот на реформата на македонската државна администрација и потребата таа да продолжи во рамките на институциите во земјата, што е тесно поврзано со европското интегрирање на земјата во ЕУ.  

Click