Активности

Четврток, 10 март 2022

Средба на Клубот на пратенички со пратенички од Косово

Клубот на пратенички на Собранието на Република Северна Македонија денес одржа средба со пратенички од Парламентот на Република Косово за споделување парламентарни практики: „Патот од ратификација до имплементација на Истанбулската конвенција“. Средбата се реализираше со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Косово.

Воведни обраќања на средбата имаа Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички, Дуда Баље, претседателка на Комисијата за човекови права, родова еднаквост, исчезнати лица и петиции, Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика и Килијан Вал, заменик-шеф на Мисијата на ОБСЕ во Косово. На средбата присуствуваше и заменик министерката за правда на Република Косово, Нита Шала.

Всушност со ратификацијата на Истанбулската конвенција во декември 2017 година, Република Северна Македонија се обврза да преземе законодавни и други мерки заради обезбедување на правна, институционална и организациска рамка за превенција на насилството врз жените, заштита  на жртвите на насилство, како и казнување на сторителите на насилство. Со ратификувањето, Конвенцијата стана дел од правниот поредок, па се наметна потребата од усогласување на постоечката правна и институционална рамка со одредбите предвидени во овој документ.

За таа цел Владата во октомври 2018 година го донесе петгодишниот Национален акциски план за спроведување  на Конвенцијата на Советот на Европа  за спречување и борба против насилство врз жени и семејно насилство (2018-2023). Воспоставено е национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство.

Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство беше донесен во јануари 2021 година, а за неговата имплементација беа донесени повеќе подзаконски акти, кои ги подготви работна група составена од претставници на институциите, здруженија на граѓани и експертска поддршка ангажирана од меѓународните организации. Воспоставени се 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство во 7 плански региони.Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Снежана Калевска Ванчева, претседателка на Законодавно-правната комисија и пратеничката Арта Билали Зендели говореа за усвојување на македонскиот закон за борба против насилството врз жените и семејното насилство, како и за промените и предизвиците при изготвувањето и спроведувањето на Законот. 

За ангажирањето на женските невладини организации и други граѓански организации во јавните дискусии во однос на законот говореше Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилствоПратеничките од  Парламентот на Република Косово ги интересираа повеќе прашања, меѓу кои: спроведувањето и функционалноста на новото законско решенија, со акцент на вклученоста на  институциите, функционалноста на координативното тело, организираноста на полициските служби, дискрецијата на базата на податоците, категоризацијата на исплаќањето на жртвите, како и критериумите кои треба да ги исполнат професионалните кадри, кои работат на оваа тема.

На крајот од средбата беше потенцирана важноста целиот процес за изработка на еден функционален и солиден закон да биде транспарентен и  инклузивен и донесен со една квалитетна собраниска дебата. Секако беше истакната и надзорната улога на Собранието, кое 2- 2,5 години од донесувањето на ова законско решение ќе треба да ја оцени неговата имплементација. 

Click