Активности

Четврток, 20 јануари 2022

Средба на Комитетот за односи меѓу заедниците со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кајрат Абдракхманов

Комитетот за односи меѓу заедниците, денеска, на негово барање, одржа Седма седница со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кајрат Абдракхманов.

На седницата присуствуваше и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која. како и делегација која ги придужуваше високите гости. На седницата, покрај претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли, присуствуваа членовите на Комитетот и заинтересирани пратеници.

Високиот комесар Абдракхманов имаше обраќање во кое говореше за позитивните практики кои се однесуваат на меѓуетничките односи во Република Северна Македонија, зајакнувањето на социјалната кохезија, како и за институционалната и правна рамка за мултиетничка демократија во Северна Македонија, но и за усогласувањето на различностите преку законите и нивната имплементација.

Тој имаше конструктивна дискусија во однос на аспектите за  подобрување на  интегритетот на државата и  создавање на хармонија во меѓуетничките односи во државата преку соработка меѓу државните институции, академската заедница и невладиниот сектор со телата на ОБСЕ.

Претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли, на седницата, покрај меѓусебното запознавање на гостите со членовите на Комитетот, изврши и презентација на досегашните активности и работни средби на Комитетот, за кој рече дека е директен производ на Охридскиот рамковен договор и започнат со работа септември 2003 г.  и дека од 19 членови,  петте члена кои се претставници на Турската, Влашката, Ромската, Српската и Бошњачката заедница, се  присутни на седницата. Корисна и  интересна информација беше дека во 2012 г. Комитетот бил домаќин на високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кнут  Волебек.

Пашоли говореше за овој состав на Комитетот кој ја одржа Првата седница во ноември 2020 година и набрзо потоа донесе Програма за работа за 2021 г., која, и покрај пандемијата и локалните избори, максимално се реализираше преку седници, бројни работни средби со министри кои раководат со министерства со сродни надлежности со Комитетот, средби со компетентни лица кои работат на правата на етничките заедници во државата, со претставници на помалите заедници во државата, како и со претставници на меѓународни организации од областа на  човековите права.   

Во продолжение на седницата, во позитивна атмосфера и поволен амбиент, се отвори простор за интерактивна дискусија во која членовите на Комитетот со голема етичност предлагаа прашања и актуелни теми кои се однесуваат на односите меѓу заедниците во државава, со цел доследно почитување на  етничкиот идентитет и  интересите на сите македонски граѓани.

Високиот комесар Абдракхманов, со дополнителна мотивација добиена по дискусиите на членовите на Комитетот, изјави дека тој и Канцеларијата на ВКНМ, може да понудат поддршка  и соработка,  особено за продолжување на концептот на „Едно општество за сите”, како ефикасна рамка за зајакнување на мултиетничкиот живот, а особено за време на претседавањето на земјава со ОБСЕ во 2023 година, а во врска со  30-годишнината на ВКНМ.

Click