Активности

Четврток, 22 април 2021

Средба на пратеникот Апасиев со рускиот амбасадор Баздникин

Пратеникот, проф. д-р Димитар Апасиев, од Левица, денеска оствари средба со рускиот амбасадор, Н.Е. Сергеј Баздникин.

На оваа прва официјална средба беше разговарано за предизвиците со кои се соочува земјата во време на пандемијата со Ковид-19, како и за ефикасноста на процесот на вакцинација на населението со руската вакцина „Спутник V“, која им беше понудена на македонските здравствени власти уште во месец август 2020 год.

Отворени беа и прашања од важност за Западен Балкан, како и за непромислените антируски изјави на шефот на дипломатијата – г. Бујар Османи, кои беа оценети како непотребни и провокаторски, и кои воопшто не придонесуваат кон развојот на традиционално добрите меѓудржавни односи. Пратеникот Апасиев се огради од последниот контроверзен твит на министерот за надворешни работи и потсети дека тој воопшто не ја изразува волјата на мнозинството наши сограѓани.

Отворени беа и други прашања за културната и образовната размена помеѓу двете земји, со особено значење на стипендиите за македонските студенти кои ги дава Руската амбасада на годишно ниво, а беа опфатени и теми од современата геополитика.

Средбата помина во срдечна и пријателска атмосфера, со надеж за продлабочена идна соработка меѓу двата народа.

Click