Активности

Среда, 20 јануари 2021

Средба на пратеникот Костадинов со полскиот амбасадор Тицињски

Шефот на Делегацијата во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Костадин Костадинов, оствари средба со амбасадорот на Република Полска, Н.Е. Војциех Тицињски.

Амбасадорот Тицињски изрази благодарност за средбата и можноста да побара поддршка за избор на полскиот кандидат Војчек Савицки за генерален секретар на ПССЕ, кој е и актуелен на оваа функција, а се кандидира за уште еден мандат, во конкуренција на грчката кандидатка Деспина Хаџивасилиу.

Во продолжение, Тицињски потсети на тоа дека Полска има многу добри односи со земјава и е поддржувач за што поскоро наше зачленување во Европската Унија. Исто така ги нагласи бизнис-партнерствата и мноштвото полски инвестиции во нашата земја. Во овој контекст, беше нагласена и медицинската помош од Полска во овие тешки услови на соочување со пандемија. Во моментов, поради пандемијата, има застој во туризмот и се чека отворање на границите за заживување на оваа дејност и посета на полските туристи, што е начин за зближување на народите.

Од своја страна, пратеникот Костадинов упати благодарност за посетата од амбасадорот на Полска, земја која е наш стратешки партнер, како во инвестициите, така и во евроинтеграциите. Истовремено, упати уверување дека полскиот кандидат за генерален секретар, благодарение на својата биографија, има силна поддршка и дека на крајот сепак ќе победи најдобриот кандидат.

На крајот, Костадинов изрази надеж и за други вакви средби во иднина, на кои во посилен фокус ќе бидат инвестициите, владеењето на правото, пратеничките групи за соработка и др.  

Click