Активности

Среда, 3 февруари 2021

Средба на пратеникот Митрески со украинската амбасадорка Задорожњук

Претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Украина, Јован Митрески, денеска оствари средба со амбасадорката на Украина Н.Е. Наталија Задорожњук.

На средбата стана збор за можностите за продлабочување на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Украина, а особено за унапредување на плодната меѓупарламентарна соработка.

Пратеникот Јован Митрески изрази задоволство што во Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина функционираат пратенички групи за меѓусебна билатерална соработка, а пратениците од двете земји успешно соработуваат и во рамките на меѓународните парламентарни собранија. Истовремено, тој изрази надеж дека штом ќе дозволат здравствените услови, ќе бидат реализирани реципрочни посети меѓу двете пратенички групи за соработка. Митрески ја информираше амбасадорката Задорожњук за функционирањето на Собранието на Република Северна Македонија во услови на пандемија со КОВИД-19, како и за мерките и законите за ублажување на последиците од пандемијата.

Амбасадорката Наталија Задорожњук нагласи дека и покрај пандемијата, 2020 година била успешна за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Украина, како на политички, така и на економски план. Таа информираше дека минатата година трговската размена меѓу двете земји била најголема по обем во последните седум години, односно изнесувала повеќе од 100 милиони американски долари. Задорожњук се осврна и на иднините активности во врска со продлабочувањето на меѓусебната соработка во полето на економијата, земјоделството и туризмот.

Соговорниците се заложија за натамошно унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Украина, подвлекувајќи дека финализирањето на Спогодбата за слободна трговија меѓу двете земји во голема мера ќе придонесе на овој план.

На крајот од средбата беше изразена надеж дека ќе продолжи активната соработка со Украинската амбасада, како и успешната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина.

Click