Активности

Четврток, 12 август 2021

Средба на претседателот Џафери со генералниот секретар на Муслиманската светска лига, д-р Мохамад бин Абдул Карим Ал-Иса

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со генералниот секретар на Муслиманската светска лига, д-р Мохамад бин Абдул Карим Ал-Иса, кој е во посета на Република Северна Македонија.

Претстедателот Џафери ја поздрави мисијата и напорите на генералниот секретар Ал-Иса за унапредување на меѓуверскиот дијалог, верската толеранција и мирната коегзистенција на глобално ниво. Тој нагласи дека Република Северна Македонија е мултиетничка, мултирелигиска и мултикултурна секуларна држава а почитувањето на различните религии, културата, јазикот и етничкото потекло претставуваат камен темелник на безбедноста и на просперитетот на државата.

Џафери понатаму информираше за надворешно-политичките приоритети на нашата држава и тоа за членството во НАТО, цел која  ја остваривме во март 2020 година и членството во Европската Унија, цел на која Собранието континуирано работи за да испорача конкретни резултати и да ги исполни европските аспирации на граѓаните. Во однос на  регионалната соработка и односите со соседите, претседателот Џафери истакна дека континуирано се стремиме да создадеме позитивна атмосфера и билатералните прашања  да ги решаваме во духот на добрососедството и основните европски вредности.

Генералниот секретар на Муслиманската светска лига, д-р Мохамад бин Абдул Карим Ал-Иса, нагласувајќи дека различностите се богатство, искажа пофалби за меѓуетничката и меѓурелигиската соработка во Република Северна Македонија, и ја поздрави важната улога на Собранието во градењето соживот, која може да послужи како пример во регионот и пошироко.

Тој се осврна и на борбата против екстремизмот и радикализмот и нагласи дека за нивно сузбивање најважни се семејството, образованието и институциите. Потенцирајќи дека Мусламанската светска лига придава големо значење на образованието на децата како најсигурна заштита од екстремизам и радикализам, информираше дека на конференциите кои оваа невладина организација ги организира, се канат претставници на Ватикан, на будистичките организации, на еврејските религиски организации и заеднички работат на градење мостови помеѓу заедниците на локално, регионално и глобално ниво. Тој истакна дека Муслиманската светска лига има одлична соработка со сите земји од Западен Балкан и продолжува посветено да работи на градењето нови партнерства меѓу различните заедници, вери и нации.

Click