Активности

Четврток, 24 септември 2020

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Н.Е. МИЛАН ПРЕДАН

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија, Н.Е. Милан Предан.

Амбасадорот Предан му упати честитки на претседателот Џафери од страна на претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Игор Зорчич, и во негово лично име, за повторниот избор за претседател на Собранието и за неговиот придонес во стабилизацијата на состојбите во државата во изминатите години.

Тој истакна дека, поддршката која Република Словенија во континуитет и ја дава на Република Северна Македонија ќе продолжи и во иднина и дека во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската унија од 1 јули следната година, Словенија планира да организира конференција ЕУ - Западен Балкан, на тој начин демонстрирајќи дека во фокусот на своите приоритети го става процесот на проширување и членството на земјите од регионот во Европската унија.

Претседателот Џафери ги констатираше одличните односи меѓу двете земји и интензитетот на посети, како уште еден доказ за взаемниот интерес за унапредување на билатералната соработка. Тој исто така се заблагодари за поддршката на Република Словенија на нашиот евроатлански интеграциски процес во изминатите децении.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните активности на Собранието и случувањата во однос на почетокот на процесот на преговори со Европската унија, како и за можностите за унапредување на соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Државниот збор на Република Словенија. 

Click