Активности

Четврток, 8 април 2021 година

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Тамара Лилуашвили

На денешната средба со новоименуваната амбасадорка на Грузија, Н.Е. Тамара Лилуашвили, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, изрази надеж дека по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Грузија и Република Северна Македонија во 2019 година, конечно ќе почнеме интензивно да работиме на планот на унапредување и интензивирање на билатералната комуникација и политичка соработка на сите нивоа. Во таа насока, тој искажа задоволство од тоа што во Парламентот на Грузија е формирана тричлена Парламентарна група за соработка со нашето Собрание и потенцираше дека во скоро време ќе одговориме реципрочно и ние на овој чин. 

Претседателот Џафери го поздрави предлогот за потпишување на Спогодба меѓу двете влади за взаемно укинување на визниот режим за носителите на биометриски патни исправи и изрази надеж дека во најскоро време ќе биде потпишана и ратификувана оваа Спогодба и тоа ќе претставува убава можност за подобра комуникација и соработка меѓу двете земји. “Ме радува тоа што наредниот месец во официјална посета во Република Северна Македонија ќе дојде Грузиската претседателка и тоа ќе биде одлична прилика за почеток на взаемната политичка соработка на највисоко ниво,“ нагласи претседателот Џафери. 

Новоименуваната амбасадорка на Грузија, Н.Е. Тамара Лилуашвили се заблагодари на можноста за средба со претседателот на Собранието и нагласи дека и претставува чест и задоволство што е именувана како прва амбасадорка на Грузија во Република Северна Македонија. Во таа насока, таа изрази увереност дека во периодот пред нас ќе се создадат услови за отворање и на резидентни амбасади во двете земји, со што нашата дипломатска комуникација постепено ќе се интензивира и ќе биде на посакуваното ниво.

Амбасадорката на Грузија, упати и официјална покана од името на претседателот на Грузискиот парламент, г. Арчил Талаквадзе, до претседателот на Собранието Џафери, за официјална посета на Грузија во наредниот период. Исто така,  од страна на нејзината екселенција беше искажана благодарност за нашата поддршка кон Грузиската резолуција во 2009 година за “Статусот на внатрешно раселените лица и бегалци од Абхазија, Грузија и регионот на Јужна Осетија“. Таа додаде „Ви честитаме за вашето членство во НАТО и Ве поддржуваме на патот кон ЕУ!“

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.