Активности

Вторник, 18 јануари 2022

Средба на претседателот Џафери со премиерот Петков 

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со г. Кирил Петков, премиер на Република Бугарија.

Претседателот Џафери изрази особено задоволство од денешната средба која е меѓу првите во надворешно-политичка агенда на премиерот на Република Бугарија, со што се покажува отвореност и спремност за внесување на нови, свежи текови во политиката кон соседните земји. Тој ги нагласи напорите на Република Северна Македонија за градење на добрососедски односи и регионална соработка со сите земји во регионот и пошироко, при што подвлече дека за нашата земја е од суштинско значење подобрувањето на билатералните односи со Република Бугарија. Претседателот Џафери искажа уверување дека потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји од 2017 година претставува значаен  напредок во историјата на односите на двете држави и со тоа се потврдува заложбата за меѓусебно почитување и разбирање. Тој претставува добра основа за унапредување на соработката меѓу двете земји и изрази очекување соработката во иднина уште повеќе да се зајакнува и унапредува.

Во однос на меѓусебната парламентарна соработка, Претседателот на Собранието искажа дека е потребно таа соработка да продолжи и да се динамизира преку повеќе контакти, како на највисоко ниво така и преку соработка на ниво на парламентарните работни тела и пратеничките групи за соработка. Во иднина, мора да се посвети поголемо внимание и интерес на подоброто инфраструктурно поврзување меѓу двете земји преку Коридорот 8 и тоа пред сé, на патното, железничкото, енергетското и дигиталното поврзување, што ќе овозможи унапредување на бизнис соработката меѓу двете земји и поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал. Коридорот 8 ќе го поврзе Црното со Јадранското море, со што ќе се надмине регионалниот контекст и ќе се овозможи поголемо влијание на регионот на светско ниво.   

Во однос на  отпочнувањето на преговорите за членство во Европската унија, односно одржувањето на првата меѓувладина конференција, Претседателот Џафери истакна дека тоа е од исклучително значење за земјата и според него, членството на Република Северна Македонија ќе биде во интерес на сите земји од балканскиот регион, особено за Бугарија. Премиерот Петков искажа големо задоволство од посетата и од сите денешни средби и разговори што имал можност да ги оствари. Информираше дека веќе се договорени владините работни групи и се очекува тие да имаат работни средби барем еднаш месечно. Очекува  наскоро да се воспостави авионската линија Скопје-Софија, со што ќе се овозможи подобра комуникација меѓу граѓаните од двете држави. Истакна дека на балканскиот регион живеат околу 65 милиони жители и во едни поинакви околности, без бариери, со добри меѓусоседски односи, бизнис релациите би се унапредиле и за целиот регион би се создала една подобра слика во светски рамки. Ја поддржа иницијативата за динамизирање на парламентарната соработка и смета дека во најскоро време треба да се остварат посети на највисоко парламентарно ниво. Република Бугарија вистински ќе биде дел од Европската унија кога и останатите земји од регионот ќе се приклучат на ЕУ и само тогаш ќе се почувствуваат сите придобивки од членството во Унијата.     

На крајот, двајцата соговорници се согласија дека во иднина е потребна уште поголема меѓусебна соработка и поддршка, со цел унапредување на регионот и подобрување на животниот стандард на граѓаните. 

Click