Активности

Вторник, 18 јануари 2022

Средба на претседателот Џафери со високиот комесар Абдракхманов

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со г. Каират Абдракхманов, висок комесар за национални малцинства на ОБСЕ.

Претседателот Џафери му честиташе на соговорникот за неговото назначување на оваа значајна позиција во ОБСЕ. Тој искажа благодарност до сите претходни високи комесари за национални малцинства на ОБСЕ, за целата поддршка што нашата земја  ја добива во изминатите години во големите напори за подобрување на меѓуетничките односи и промовирање на поголема свесност за интегрирање на малцинствата во општеството. Го информираше гостинот дека Република Северна Македонија, како следен претседавач со ОБСЕ во 2023 година, има визија да промовира приоритети од заеднички интерес на сите земји членки на ОБСЕ и да ги вгради главните принципи и заложби на ОБСЕ, вклучително и принципите за унапредување на човековите и малцинските права.

Високиот комесар за национални малцинства, Абдракхманов, истакна дека високо се цени соработката на државните институции, академската заедница и невладиниот сектор во земјата со сите тела на ОБСЕ. Тој истакна дека стои на располагање за логистичка и административна поддршка и помош во текот на нашето претседавање со ОБСЕ и укажа дека се залага за зајакнување на социјалната кохезија и мултиетничкиот соживот во Република Северна Македонија. Покажа посебен интерес за примена на Бадинтеровиот принцип на гласање во Собранието, како и за концептот „едно општество за сите“, за што претседателот Џафери опширно образложи.   

Двајцата соговорници се согласија дека Република Северна Македонија се издвојува како позитивен пример и референца за целиот регион и пошироко. Нашата земја е пример за функционална мултиетничка демократија, во склад со вредностите и заложбите на ОБСЕ, која се стреми да биде активен придонесувач во надворешната политика на ОБСЕ и во други мултилатерални форуми. 

Click